Седница на судски совет / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

Без нов закон почна процедурата за избор на нови членови на Судски совет

Собранието на 17 ноември објави оглас за избор на член на Судски совет за местото на Селим Адеми, чиј мандат наскоро истекува, без да се донесе новиот Закон за судски совет кој предвидува построги критериуми за членовите кои треба да бидат избрани од редот на истакнатите правници.

Иако требаше да се чека новиот Закон за судски совет, а тоа го најави и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која треба да предложи два члена – на едниот, Миљазим Мустафа, веќе му истече мандатот и уште еден член кога ќе ѝ истече мандатот на Весна Дамева, сепак Собранието по известување на Судскиот совет дека мандатот на Адеми му истекува објави оглас на кој во рок од 15 дена ќе може да се пријавуваат кандидати.

Новиот Закон за судски совет кој го слушаме со години ја поминал целата владина процедура и на последната седница на Владата бил донесен, но со владин заклучок Министерството за европски прашања било задолжено законот да го состави на мислење до Европската комисија.

– Законот беше изработен од работните групи формирани од МП, беа одржани пет јавни расправи од кои четири на подрачјето на сите апелациски судови. Законот беше преведен и испратен до Венецијанската комисија, беа добиени препораките и истите беа инкорпорирани и имплементирани во законското решение. Законот ја помина целата владина процедура и на последната седница на Владата е донесен законот, меѓутоа како претенденти за членство во ЕУ имаме обврска и со заклучок на Владата е задолжено Министерството за европски прашања законот да го достави на мислење до Европската Комисија по однос на имплементирање на препораките кои ги добивме од Оценската мисија. Очекуваме во брз период откако ќе биде пратен да биде доставен до нас, заедно со одредени евентуално забелешки, кои повторно ќе бидат надоградени во законските решенија со истите и веднаш ќе биде испратен во собраниска процедура – изјави заменик министерот за правда Ален Деребан.

Иако нема нов Закон, Деребан очекува институциите да се водат по новото законско решение.

– Во моментов сите органи и институции се должни да ги почитуваат важечките закони, без разлика во која фаза на донесување се новите закони, кои се дел од реформската агенда, меѓутоа, необлигаторно, но треба и очекувам да ги имаат предвид при изборот и критериумите коишто се содржани во новото законско решение, а кои се дел од препораките на Оценската мисија – изјави Деребан.

И тој самиот објасни дека во моментов имаме важечки закон за Судски совет и претседателот на Судски совет е должен најрано три месеци пред истекот на мандатот на членот избран од Собранието да го информира Собранието, а Собранието има обврска во законски пропишан рок да распише оглас. Наскоро му истекува мандатот и на Ханиф Зендели кој е избран од редот на судиите, но и на Дамева.

Интерпелации на членови на Судски совет – Весна Дамева прва на удар во Собрание

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот