Половина милион мигранти ќе добијат дозволи за престој и работа во Шпанија
Левичарската влада на Шпанија одобри план за легализација на околу 500.000 мигранти кои престојуваат во земјата без соодветни документи, овозможувајќи им дозволи за престој и работа. Потегот претставува остар контраст со сè поригорозните имиграциски политики што се применуваат во други европски земји, пишува Ројтерс.
Препорачано
„Овие луѓе ќе можат да работат во кој било сектор и во кој било дел од земјата“, изјави шпанската министерка за миграција Елма Саиз на прес-конференција.
Владата смета дека мерката ќе помогне во пополнување на недостигот од работна сила и ќе придонесе во справувањето со стареењето на населението, што се смета за сериозна закана за пензискиот и социјалниот систем.
Мерката се однесува на странски државјани кои континуирано престојувале во Шпанија најмалку пет месеци до 31 декември, како и на оние кои поднеле барање за меѓународна заштита пред тој датум. Апликантите ќе треба да достават јавен или приватен документ или комбинација од двете како доказ за престој.
Дополнителни услови се: чисто криминално досие, да не претставуваат закана за јавниот ред, дозволите ќе важат и за нивните деца кои веќе живеат во земјата.
Периодот за аплицирање се очекува да започне во април и да трае до крајот на јуни.
Планот ќе биде усвоен со владин декрет и нема да оди на гласање во парламентот, каде што коалицијата предводена од социјалистите нема апсолутно мнозинство.
Конзервативната и крајно десничарската опозиција остро ја критикуваше одлуката, тврдејќи дека таа ќе поттикне нов бран нелегална имиграција.
Лидерот на Народната партија, Алберто Нуњез Фејџо, напиша на социјалната мрежа X дека „апсурдниот план ќе ги преоптовари јавните услуги“.
„Во социјалистичка Шпанија, нелегалноста се наградува“, порача Фејџо, додавајќи дека доколку дојде на власт, миграциската политика ќе ја промени „од темел“.
Од друга страна, Шпанската католичка црква го поздрави потегот, оценувајќи го како „чин на социјална правда“.
Социјалистичкиот премиер Педро Санчез подолго време тврди дека на Шпанија ѝ се неопходни мигранти за да се надмине недостигот од работна сила и да се ублажат последиците од стареењето на населението.
Официјални податоци покажуваат дека 52.500 од 76.200 нововработени во последниот квартал од минатата година биле странски државјани.
Според аналитичкиот центар Функас, на почетокот на јануари 2025 година во Шпанија живееле околу 840.000 недокументирани мигранти, најголем дел од Латинска Америка.
Шпанија е една од главните влезни точки за мигранти во Европа, особено преку Канарските Острови, каде што пристигнуваат десетици илјади луѓе кои бегаат од сиромаштија, конфликти и прогон.
Според Националниот институт за статистика, во земјата живеат повеќе од седум милиони странци од вкупно 49,4 милиони жители.


