Политико: Нападите на Трамп врз НАТО ја обединија Европа
Европските лидери сè поотворено размислуваат за иднина без НАТО откако заканите на Доналд Трамп и спорот околу војната со Иран ја втурнаа Алијансата во најдлабоката криза во нејзината историја.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Гневот на Доналд Трамп кон сојузниците во НАТО затоа што одбија да се приклучат на војна против Иран досега постигна едно нешто, ги обедини сите против него, анализира во свој текст Политико.
Како што наведува бриселскиот портал во приватните разговори, на затворените вечери за јавноста на кои се одржале маргините на состаноците во Брисел и на други места, европските лидери и функционери дебатирале како да одговорат на заканите на американскиот претседател за напуштање на НАТО и што да прават ако тој навистина го стори тоа.
Тие сега го делат мрачниот став дека сè поагресивните напади на Трамп врз Обединетото Кралство, Шпанија, Франција и други потврдуваат фундаментален раскол во трансатлантската алијанса. Иако сè уште не се сигурни какво ќе биде конечното решение, некои земји веќе размислуваат за проширување на одбранбените и безбедносните аранжмани за да ја заобиколат ослабената НАТО-алијанса.
„НАТО-алијансата е парализирана, тие дури и не можат да се состанат“, рече еден европски дипломат.
„Прилично е јасно дека НАТО веќе се распаѓа“, додаде еден функционер на ЕУ, нагласувајќи дека Европа итно треба да ја зајакне сопствената одбрана.
Оваа директна проценка, заснована на интервјуата што ги обавил бриселскиот портал „Политико“ со 24 министри, функционери и дипломати, живописно го прикажува поместувањето во повоениот светски поредок што во голема мера го поттикна самиот Трамп.
Франција му возврати на Трамп: НАТО служи за евроатлантска безбедност, а не за офанзивни мисии
Во последните денови, администрацијата на Трамп ја втурна воената алијанса во можеби најдлабоката криза во нејзините 77 години, посочува медиумот.
Американскиот претседател и неговиот тим објавија дека ќе го преиспитаат членството на САД во НАТО по завршувањето на војната со Иран, како одговор на одбивањето на европските сојузници да се приклучат на конфликтот. Трамп дополнително ги разгорува тензиите нарекувајќи го НАТО „хартиен тигар“ во интервју за „Телеграф“.
Главниот американски приговор се однесува на одбивањето на европските сили како што се Шпанија, Обединетото Кралство и Франција да им дозволат на американските сили да ги користат нивните воени бази или воздушен простор за операции против Иран. Во месецот од почетокот на војната, незадоволството на Трамп само расте, како што може да се види во серијата објави на неговата социјална мрежа Truth Social.
За Европејците, клучното прашање е, како и секогаш, како да се заштитат од најлошите последици и да го зачуваат она што е најважно.
Трамп до Стармер: „Ти не си Черчил“
Во меѓувреме британскиот премиер Кир Стармер е главна цел на личните напади на Трамп, при што претседателот постојано го омаловажува тврдејќи дека тој „не е Винстон Черчил“ поради неговата неподготвеност да се вклучи во офанзивни операции против Иран. Од друга страна Стармер веднаш ги отфрли критиките, истакнувајќи дека без оглед на притисокот врз него и другите, тој ќе дејствува во рамките на британскиот национален интерес.
Британскиот премиер додаде дека НАТО е „најефикасниот воен сојуз што светот некогаш го видел“ и дека Обединетото Кралство останува „целосно посветено“ на алијансата. Но, британската министерка за финансии Рејчел Ривс отворено изрази вистински фрустрации во Лондон.
„Лута сум што Доналд Трамп одлучи да започне војна на Блискиот Исток, војна за која нема јасен план за излез“, изјави таа за Би-би-си.
И покрај сè, Стармер се обидува да покаже дека Велика Британија и другите земји сакаат да помогнат – главно затоа што нивните економии зависат од враќањето на трговијата преку Ормускиот Теснец и стабилизирањето на цените на нафтата.
До крајот на оваа недела како што наведува Политико, Обединетото Кралство треба да биде домаќин на виртуелен состанок на 35 земји за да се разговара за „сите одржливи дипломатски и политички мерки“ за враќање на слободата на навигација и трговија во регионот. Се очекува учество на сите членки на групата Г7 освен САД, како и на голем број помали земјии.
Обединетото Кралство и другите сојузници, исто така, ќе разгледаат помош во мировните или безбедносните мисии во Заливот, но само откако ќе завршат борбите. Исто така, постојат надежи во Велика Британија и на други места во Европа дека државната посета на кралот Чарлс на САД која треба да се оствари овој месец би можела да ги ублажи затегнатите односи меѓу Европа и Америка.
Сепак, досега ниту еден од тие напори не успеа да го поколеба Трамп, оценува Политико во својата анализа.
„За сите сојузници во овој момент е важно да градат мостови, а не да ги уриваат“, изјави естонскиот министер за одбрана Хано Певкур за Политико.
Според него, дискусиите за тоа дали САД го уништуваат НАТО покажуваат дека Западот е „поделен“, а тоа е токму тоа што сака да го види Путин во овој момент.


