Фото: EPA-EFE/TOMS KALNINS

Франција му возврати на Трамп: НАТО служи за евроатлантска безбедност, а не за офанзивни мисии

Франција возврати на заканите на претседателот Доналд Трамп дека ќе ги повлече САД од НАТО, истакнувајќи дека воениот сојуз е создаден за обезбедување на безбедноста во евроатлантската област, а не за започнување офанзивни операции во Ормускиот Теснец, пренесува Ројтерс.

Како што пишува агенцијата, францускиот претседател Емануел Макрон предложи да постои рамка на Обединетите нации за каква било акција во Ормускиот теснец — витална артерија за глобалните снабдувања со нафта, која Иран практично ја затвори — и рече дека меѓународните напори можат да се случат само кога ќе се смират непријателствата, ќе се консултираат осигурителните и транспортните компании и ќе се добие согласност од Иран.

„Да ве потсетам што е НАТО. Тоа е воен сојуз кој се занимава со безбедноста на евроатлантскиот регион. Тој не е создаден за да спроведува операции во Ормускиот теснец, што би претставувало прекршување на меѓународното право“, изјави помладата министерка за армијата на Франција, Алис Руфо на конференција во Париз.

Руфо, која е блиска соработничка на Макрон и беше една од неговите водечки дипломати, рече дека разбира оти Американците се незадоволни од одбивањето на Франција да се приклучи на коалиција за итно деблокирање на теснецот.

Западниот воен сојуз на тест? Трамп вели дека е можно Америка да излезе од НАТО

 

Но Париз, како што додаде, претпочита да работи на план за обновување на транзитот и слободата на пловидба со средства „кои не се од офанзивна природа“.

„Го разбирам ова незадоволство, но не зборувам во име на Соединетите Американски Држави“, рече Руфо.

„Зборувам во име на земја која е основачка членка на Атлантската алијанса (НАТО) и на Европската Унија, и која во изминатите 20 години вели дека Европејците мора да преземат поголем дел од одговорноста за колективната одбрана во Европа“, дополни таа.

Франција го налути Трамп вчера откако му одби на Израел користење на својот воздушен простор за транспорт на американско оружје за војната во Иран, изјавиле извори за Ројтерс.

Макрон ја пофали европската „предвидливост“, потсмевајќи се на политиките на Трамп

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот