Западниот воен сојуз на тест? Трамп вели дека е можно Америка да излезе од НАТО
Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за британските медиуми изјави дека тој сериозно размислува за повлекување на САД од НАТО, отворајќи нова криза околу иднината на западниот безбедносен сојуз во време на зголемени тензии меѓу Вашингтон и европските сојузници.
Препорачано
Во интервју за британскиот „Телеграф“, Трамп оцени дека Алијансата денес е „непрепознатлива“ и директно го доведе во прашање нејзиниот капацитет и смисла.
„НАТО никогаш не ме убеди. Отсекогаш знаев дека е хартиен тигар, а тоа го знае и Путин“, посочил Трамп, додавајќи дека сериозно ја разгледува можноста САД да ја напуштат Алијансата.
Неговата изјава доаѓа по новите американски критики кон европските партнери, кои, според Трамп, не дале доволна поддршка во конфликтот со Иран и во обезбедувањето на пловидбата низ Ормускиот Теснец.
Трамп веќе неколку дена ја доведува во прашање и обврската на САД кон членот 5 од НАТО, принципот според кој напад врз една членка се смета за напад врз сите.
Во интервјуто, Трамп порача и дека САД им помагале на други земји, вклучително и на Украина, иако, како што рече, тоа „не бил нивен проблем“.
Со ова дополнително ја засили пораката дека Вашингтон не сака повеќе безусловно да ја носи главната тежина во безбедносните и воените кризи, наведува британскиот магазин.
Дополнителна загриженост предизвика и ставот на американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, кој одби јасно да ја потврди американската посветеност на колективната одбрана, посочувајќи дека тоа е прашање за претседателот. Ваквите пораки се толкуваат како уште еден сигнал дека Вашингтон сè поотворено го преиспитува односот кон Алијансата.
Трамп и претходно се закануваше со дистанцирање од НАТО, но оваа негова изјава дадена во британските медиуми е најдиректна досега и доаѓа во особено чувствителен момент за европската безбедност.
Формално, САД не можат да излезат од НАТО со еднострана изјава, но самото отворање на таква можност веќе предизвикува политички потреси во односите меѓу Америка и Европа.


