Политичарите се најголем дел од проблемот во бугарско-македонскиот спор!

Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски. / Фото: Приватна архива

Политичарите би требало да сфатат и дека лично мора да се променат за да се реши проблемот. Да престанат да ја злоупотребуваат историјата за лични и популистички цели и за предизвикување конфликти. Да сфатат дека треба да го осудуваат говорот на омраза, а не да го практикуваат.

За да се реши бугарско-македонскиот спор, сите министри во владите, пратеници и членовите на историската комисија би требало да бидат обврзани да поминат тренинг за основни човекови права и активно почитување на разликите – спроведен од европски експерти.

Прво што ќе треба да научат е дека секој има еднакво право на достоинство и почитување и дека не треба да се однесуваат еден кон друг со омаловажување.

Второ, да научат што е дискриминација, и да не дискриминираат врз основа на етничко потекло, националност (државјанство) и други основи.

Трето, дека секој има право на слобода и сигурност и дека никој нема право да се заканува или да ја загрозува некому сигурноста.

Четврто, да научат што е тoртурa, свирепост, нexумaн и пoнижувaчки трeтмaн и кaзнување, и да станат свесни дека ова право се кршело и во двете земји од страна на властите со децении.

Петто, да станат свесни што е холокауст и геноцид, што се воени злосторства, и како билe вршени на Балканот и од кого.

Шесто, да научат кои аспекти на приватноста треба да се почитуваат, и да престанат да вршат повреди на честа и угледот.

Седмо, да научат дека секој има право на слобода на мислење и изразување и дека ова право исклучува говор на омраза по сите основи.

Осмо, да научат што значи прaвo нa слoбoдa нa мислaтa, сoвeстa и религиjaта и дека како што има различни верски убедувања, има и различни национални, лични и политички убедувања. Односно, како што некој верува во Исус и Мохамед, друг може да си верува во Хан Аспарух, Александар Македонски, Гоце Делчев, Ванчо Михајлов, Тодор Живков, Сталин или Тито.

Деветто, да научат како заедно да се борат да го остваруваат правото на подобар животен стандард на нивните сограѓани и соседи, а не да им го ускратуваат.

Десетто, да научат дека образованието во двете земји треба да биде насочено кон целосен развој нa чoвeкoвaтa личнoст, кoн зajaкнувaњe и пoчитувaњe нa чoвeкoвитe прaвa и oснoвни слoбoди и кон изградба на мирољубиви односи. Тоа значи дека со образованието треба да се унaпрeдувa рaзбирaњeтo, тoлeрaнциjaтa и приjaтeлствoтo мeѓу ситe нaрoди – а не преку него да се шират негативни стереотипи и предрасуди, или да се поттикнува нетрпеливост, омраза и непријателство меѓу соседите или други народи.

Единаесетто, би учеле и што значи право на културен и уметнички живот и како да ја почитуваат културната и уметничка разновидност, вклучително и симболите и политиката на меморија во секоја земја.

Дванаесетто, би учеле дека никој нема право да ги ограничува или да ги гази човековите права и слободи, и како да се постигне човеков развој во кој правата и слободите нема да бидат кршени од страна на државите, туку ќе бидат заштитувани од нив.

Откако ќе поминат основен тренинг за почитување на сите овие права и слободи, дури тогаш би поканил експерти од Советот на Европа да им објаснат каква треба да биде наставата по историја за да промовира мултиперспективност и критичко размислување. Експертите треба да им објаснат зошто промовирањето на мултиперспективноста е суштинско за развојот на културата на демократијата.

Експертите ќе им помогнат и да развијат вештини против манипулација и злоупотреби на историјата, сè со цел историјата да не се користи за предизвикување конфликти, туку за подобрување на дијалогот и мирољубивите односи меѓу луѓето.

Се разбира, целиот тренинг би бил исполнет и со вежби за активно почитување разлики, за градење култура на комуникација и за создавање вештини за разрешување конфликти.

Ако тренингот е успешен, тогаш политичарите би требало да сфатат дека тие се најголем дел од проблемот. Би требало да сфатат и дека лично мора да се променат за да се реши проблемот. Да сфатат дека треба да престанат да ја злоупотребуваат историјата за лични и популистички цели и за предизвикување конфликти. Да сфатат дека треба да го осудуваат говорот на омраза, а не да го практикуваат. Да сфатат дека треба да придонесуваат за подобрување на економскиот, политичкиот и човековиот развој, а не да го блокираат и уназадуваат.

Белким ќе сфатат.

 

Извор: Цивилмедија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот