Полицијата е немилосрдна во борбата против нелегалното оружје – ловџија од Берово остана без двоцевката од СССР
Во уште една успешна акција која ја потврдува непоколебливата заложба на македонската полиција да му се спротивстави на проблемот со нелегалното оружје во земјава, вчера е уапсен скопјанец кој живее во Берово, на кого полицајците му нашле ловечка пушка, двоцевка стара најмалку 50 години, како и патрони и некаква пиротехника.
Препорачано
Ловџијата опасното оружје го чувал во помошна просторија, откриваат од МВР.
„На 19.03.2026, со наредба од Основен суд Кочани, полициски службеници од ОВР Берово извршија претрес во помошна просторија во Берово, сопственост на Д.П.(38) од Скопје, со живеалиште во Берово. При претресот во објектот се пронајдени и одземени една ловечка пушка „ТОЗ 63“ калибар 16мм, 53 ловечки патрони калибар 16мм, пиротехнички средства, куршуми и реденик за патрони. По целосно расчистување и документирање на случајот, против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава по член 396 од Кривичниот законик“, велат од полицијата.
Пушките „ТОЗ 63“ се од советско потекло и тие се произведувале од 1964 до 1977 година, што значи дека има голема веројатност „пленот“ на полицијата во Берово да е и постар од половина век.
Полицијата со сите сили против нелегалното оружје – му ги заплени пушките на 71-годишен ловџија


