Сашко Кедев и Азир Алиу / Фото: Министерство за здравство

Половина година откако Кедев обвини дека без потреба се оперирале срца, министерот ги собра странските експерти да го проверат тоа

Министерот за здравство Азир Алиу вчера онлајн се сретнал со странските експерти кои треба да ги испитуваат наводите на кардиологот Сашко Кедев, кој минатото лето пред 6 месеци обвини дека непотребно се правеле кардиваскуларни интервенции. Во меѓувреме и самиот Кедев си отиде од домашната комисија што беше формирана за да ги испитува неговите наводи.

Како причина за повлекувањето од советодавното тело на Алиу, тој го навел тоа што смета дека контролните процеси треба да ги спроведуваат само компетентни кадри.

Домашната комисија досега на прес-конференција преку свои претставници истакна дека од 25 случаи што ги разгледале, сомнежите се дека 10 се извршени без потреба.

-Од досега пријавените случаи заклучивме дека за поголем дел од нив имаме неправилно упатени и неправилно оперирани пациенти. Понатаму комисијата ќе продолжи да работи со утврдената методологија и ќе излезе со конечен извештај, изјави кардилогот доктор Ненси Лозанче, членка на комисијата на прес-конференција која се одржа пред 3 месеци.

Скандалозно: На 10 пациенти им било оперирано срцето без потреба, утврди Комисијата на Министерството за здравство

Вчера министерот Алиу одржал онлајн состанок меѓу домашната и странската експертска комисија. Странската експертска група е составена од доктор Уголино Ливи кардиохирург од Италија, доктор Никола Лакиќ кардиоваскуларен хирург од Словенија и доктор Черчек Миха интервентен кардиолог од Словенија.

„Овој процес го водиме за да утврдиме факти засновани на медицина базирана на докази. Очекувам странските експерти да дадат независен стручен увид дали постојат евентуални пропусти во постапките и процедурите во случаите посочени од интерната комисија, како и да помогнат да ги препознаеме можните системски празнини. Наодите треба да го зајакнат нашиот здравствен систем, притоа доколку се идентификува потреба, ќе пристапиме и кон измени на правната регулатива. Целта е подобар перформанс на системот, враќање на довербата на граѓаните и воведување европски стандарди”, вели Алиу.

На состанокот била усогласена работната методологија по која ќе постапуваат странските експерти во рамки на втората експертска анализа.

Нивниот ангажман има за цел да обезбеди дополнителна медицинска експертска тежина и меѓународно споредливи стандарди во анализата на доставените случаи за извршени операции или непотребно упатени за операција, велат од Министерството за здравство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот