Поетски избор од творештвото на Иван Антоновски е објавен во Србија

Издавачката куќа „Граматик“ од Белград објави избор од поетското творештво на Иван Антоновски, под наслов „Обиди за (пре)создавање песна“. Песните од изборот, поделени во три циклуси кои претставуваат три фази во поезијата на Антоновски, од македонски на српски јазик ги препеа српскиот поет и прозаист, Рајко Лукач.

– Звучи неверојатно дека Иван Антоновски уште како четиринаесетгодишник напишал песни пред кои ми застанува здивот од чудење за длабоката емотивна промисла и за престорувањето на таа промисла во стихови (без патетика). Тие песни се пријатно меланхолични (на пр. „Јаглика“, „Трепетлика“, „Кога те молев да пораснеш“), пленат со непосредната искреност и младешки занес („Ако ослепам, ќе ослепам од убавина“) – напоменува Лукач, осврнувајќи се кон првиот циклус од изборот објавен во негов препев.

Тој се осврнува и на другите два циклуса од поезијата на Антоновски, при што за циклусот „Крикови од неископан гроб“, насловен според поетската книга од која се песните застапени во него, Лукач напоменува дека станува збор за поезија напишана од раката на младич, во која меланхолијата е поизразена, но е надополнета со фина иронија и со надреалистички зачини за да се ублажи горчината.

Круна на неговото пеење го чини третиот, завршен циклус, инспириран од самото пишување на поезија, во кое (само)иронијата доаѓа до уште поголем израз, при што со „поучни“ пресврти и со самокритички ламенти, Антоновски остава силен впечаток на читателот, нагласува Рајко Лукач.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 182, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11.6.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот