Екрем Имамоглу, градоначалник на Истанбул / Фото: EPA-EFE/ERDEM SAHIN

Поднесено обвинение од 3.900 страници против градоначалникот на Истанбул

Обвинението објавено денес од страна на турските власти го товари затворениот градоначалник на Истанбул Екрем Имамоглу со вкупно 142 точки за корупција и организиран криминал, кои носат долги затворски казни, објавија турските медиуми.

Имамоглу е една од најистакнатите личности на турската опозиција и се смета за клучен политички ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Тој беше уапсен во март заедно со неколку градски функционери, осомничени за водење криминална организација, примање мито, изнуда и местење јавни тендери. Имамоглу ги негира сите обвинувања и тврди дека процесот е политички мотивиран.

Според критичарите, случајот претставува дел од поширок обид за слабеење на главната опозициска Републиканска народна партија во период кога нејзината популарност расте. Апсењето на Имамоглу предизвика најголем бран протести во Турција во последните повеќе од десет години и ги продлабочи политичките тензии во земјата.

Главниот обвинител Акин Гурлек соопшти дека обвинителниот акт е долг 3.900 страници и содржи имиња на 402 осомничени, меѓу кои и Имамоглу како првообвинет. Според документот, градоначалникот е обвинет за водење организирана криминална група, за дванаесет случаи на поткуп, за седум случаи на перење пари и за седум случаи на проневера. Обвинението наведува дека тој е одговорен и за бројни кривични дела извршени од други лица, меѓу кои поткуп, проневера и местење понуди.

Судењето ќе може да започне откако судот формално ќе го прифати обвинението. Доколку биде прогласен за виновен по сите точки, Имамоглу би можел да се соочи со казна затвор до 2.352 години, јави телевизијата Хабертурк.

Случајот за корупција е само еден од неколкуте правни процеси што се водат против Имамоглу. Минатиот месец тој беше обвинет и за шпионажа во контекст на истрагата поврзана со неговата политичка кампања и апсењето на бизнисмен во јули, осомничен за разузнавачки активности во име на странски влади. Според обвинението, Имамоглу наводно пренел лични податоци на жители на Истанбул за да обезбеди меѓународно финансирање за својата кампања. Тој ги отфрли обвинувањата нарекувајќи ги бесмислени.

Покрај овие процеси, против него се водат и постапки за наводна навреда на членови на Врховниот изборен совет, за закани и навреди кон главниот обвинител Акин Гурлек, како и за наводно фалсификување диплома и документи.

Критичарите ги оценуваат овие судски постапки како дел од поширока политичка репресија насочена кон локалните власти управувани од опозицијата. Во текот на изминатата година, неколку општини под контрола на Републиканската народна партија се соочија со бројни апсења на функционери и раководители.

Владата ги негира овие тврдења и истакнува дека турското судство е независно, а истрагите се водат единствено поради сомнежи за корупција и други криминални активности.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот