Граѓани гласаат на Локалните избори 2025/ Фото: Слободан Ѓуриќ - Слободен печат

Поднесени 16 приговори за гласањето во вториот круг од локалните избори

До денеска претпладне до Државната изборна комисија (ДИК) се поднесени 16 приговори за постапката за сумирање и утврдување на резултатите од вториот круг од локалните избори, што се одржа во неделата на 2 ноември. Рокот за поднесување на приговори завршува денеска во 16:30 часот односно 48 часа по објавувањето на првичните резултати од изборите.

Приговори поднеле Хаќим Рамадани поддржан од „Вреди“ за постапката за сумирање и утврдување на резултатите во избирачките места 2034, 2033, 2032, 2035, 2034, 2033, 2032, 2035 во Брвеница. Во оваа општина во вториот круг од изборите победи Јовица Илиевски поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата со 4374 гласа, додека Рамадани освои 4224 гласа.

Коалицијата „Твоја Македонија“ поднела десет приговори за избирачките места 2956, 2971/1, 2973, 2959/1, 2955, 2956/1, 2959, 2961/1, 2961, 2971 во Шуто Оризари. И Сојузот на Ромите има поднесено приговори за Шуто Оризари и тоа за гласачките места 2966, 2962 и 2961. Во оваа општина во вториот круг од изборите победи Курто Дудуш од Унијата на Ромите со 3.894 гласови, а Ерџан Демир поддржа од Коалицијата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ освои 3.406 гласа.

Коалицијата „Искуство за успех“ која го поддржуваше Стевчо Јакимовски за гласањето во Карпош поднела приговори за сумиорање и утврдување на резултатите за избирачките места 2631 и 2613. Во Карпош победи кандидатот поддржан од од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Сотир Лукровски со 13.512 гласови, додека Јакимовски освои 12.378 гласови.

Според информациите од ДИК, седница за одлучување за приговорите најверојатно ќе се одржи утре.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот