Подмладената Македонија немоќна против Црна Гора

Ракометарките се поразени од Црна Гора во ЕХФ Евро Купот/ фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Подмладената женска ракометна репрезентација на Македонија со пораз од Црна Гора од 22:29 ги започна натпреварите во ЕХФ Евро Купот.

Селекторот Љубомир Савевски одлучи да сврти нов лист во женската репрезентација, со пет дебитантки меѓу кои е и 14-годишната Ива Младеновска  настапи против Црна Гора која исто така во ЦС „Борис Трајковски“ се појави во комбиниран состав.

Очекувано, играта на ракометарките беше со осцилации, имаше добри моменти но и падови во играта кои противникот знаеше како да ги искористи.

Натпреварот започна лошо за ракометарките на селекторот Савевски, првиот гол го постигнаа во 10 минута, но потоа следеше добар период кој од 0:3 за само пет минути донесе израмнување на 5:5. Во финишот од првиот дел Црногорките успеаја да се одлепат и на одмор заминаа со четири гола предност 9:13.
Во вториот дел, подмладената Македонија повторно успеа да се врати во игра и во 40 минута имаше минус еден (17:18), но неискуството го стори своето. Противничките одговорија со серија од 0:6 со кои беа решени дилемите околу победникот.

Јована Мицевска имаше 10 одбрани, Сара Ристовска постигна шест гола, Леонида Гичевска додаде пет додека кај Црна Гора која исто така настапи во комбиниран тим Итана Грбиќ беше најпрецизна со 10 постигнати голови. В недела во Никшиќ ќе се игра возвратниот натпревар.

 

Видео на денот