Почнуваат 54. „Мајски оперски вечери“ во Националната опера и балет
Седум оперски претстави од Пучини и од Верди, од кои две првпат во една вечер, како и еден балет, се на програмата на 54. издание на „Мајски оперски вечери“, кои традиционално ќе се одржат од 9 до 31 мај во Националната опера и балет.
Препорачано
Фестивалот ќе почне на 9 мај со две оперски претстави од Џакомо Пучини – премиерите на „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“, откако фестивалскиот оган ќе го запали нашата сопранистка со меѓународна кариера Ана Дурловски.
Комплетната програма беше најавена на прес-конференција што се одржа на 7 мај во фоајето на Националната опера и балет и на која се обратија Зоран Љутков, министер за култура и туризам, Оливер Арсовски, директор на НУ НОБ, и Дејан Стоев, уметнички раководител на Операта.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков истакна дека „Мајските оперски вечери“ претставуваат еден од најзначајните културни настани во државава и се симбол на континуитет, квалитет и уметничка амбиција. „Мајските оперски вечери не се само уште еден културен настан во календарот. Тие се културна порака дека оваа земја има капацитет, има талент и има визија да создава настани што се рамноправни со европските“, истакна министерот.
Тој нагласи дека Министерството за култура и туризам ја гледа оваа манифестација како стратешка инвестиција во културниот идентитет, меѓународната видливост и уметничкиот развој на државата.

Директорот на Националната опера и балет, Оливер Арсовски, истакна дека за нив фестивалот не е само уште една сезона и програма со претстави, туку е момент кога Националната опера и балет го покажува својот капацитет, својата визија и одговорност кон културата и публиката.
– Оваа година подготвивме репертоар што внимателно ја спојува традицијата со новата енергија. Секоја од претставите на програмата носи различна емоција и заедно создаваат едно целосно искуство што посакуваме публиката да го памети. „Мајките оперски вечери“ се и огледало на институцијата, кое покажува колку сме подготвени да работиме посветено, да поставуваме стандарди и да создаваме продукција што може достоинствено да стои рамо до рамо со европските сцени – истакна Арсовски.
По свеченото отворање на 9 мај, следниот термин на 54. „Мајски оперски вечери“ е 13 мај, кога ќе биде изведена Вердиевата опера „Риголето“. Потоа на програмата се и: „Тоска“ од Пучини (16 мај), „Мадам Батерфлај“ од Пучини (20 мај) и Вердиевите опери „Травијата“ (27 мај) и „Набуко“, со која на 31 мај ќе биде затворен фестивалот. На програмата е и балетот „Лебедово езеро“ од Петар Илич Чајковски, кој ќе биде изведен на 22 мај.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 331, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10.5.2026)


