Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Почнува вакцинацијата против грип – се пријавиле 30 илјади граѓани

Повеќе од 30 илјади граѓани кои изразиле интерес да се вакцинираат против сезонски грип а се во ризичните групи, од денеска ќе бидат повикувани на сите вакцинални пунктови во државата. Министерството за здравство обезбеди 60 илјади вакцини против сезонски грип, кои се четиривалентни.

Тоа значи дека станува збор за најнова и висококвалитетна вакцина која заштитува од четири видови на инфлуенца. Истата е според препораките на Светската здравствена организација и на Европската Медицинска Агенција (ЕМА). Четиривалентната вакцина е од производство на Француската фармацевтска компанија „Санофи Пастер“.

Во ризични групи граѓани спаѓаат старите лица над 65 години, лицата со хронични заболувања, здравствените работници, бремените жени и децата на возраст од 6 месеци до 5 години.

За останатите, кои што не спаѓаат во групата на ризични групи граѓани, во Центарот за јавно здравје Скопје обезбедени се 1.500 комерцијални вакцини по цена од 700 денари.

Досега најголем интерес за вакцинација има кај хронично болните и повозрасните граѓани. Граѓаните кои се пријавиле за вакцинација на Вакцинација.мк веќе почнуваат да добиваат СМС пораки со точниот датум, време и вакцинален пункт каде треба да се појават за имунизација.

Како што вчера за „Слободен печат“ изјави директорот на Здравствен дом Скопје, доктор Виктор Исијановски, вакциналните пунктови Бит Пазар и Идадија ќе работат од 8 часот наутро до 19 часот навечер, а пунктот Букурешт е резервиран само за втора смена, односно ќе функционира за имунизација против сезонски грип од 14 часот до 19 часот.

Вакцинацијата против грип не е 100-процентна гаранција дека вакцинираното лице нема да се разболи од грип, но дури и да добие грип, тој ќе биде во поблага форма, а ризикот од компликации е значително намален, велат од Институтот за јавно здравје.

Грипот е акутно заболување на дишните патишта, предизвикано од вирусите на инфлуенца тип А и Б, кое најчесто се јавува во зголемен број или во епидемиска форма во текот на зимскиот период. Во овој период, чести се и инфекциите со други респираторни вируси кои имаат исти или слични симптоми со грипот. Во пракса, тешко може да се направи разлика дали се работи за грип или обична настинка само врза база на симптоматологијата, ако не се направи лабораториска, односно микробиолошка потврда на причинителот на заболувањето.

Грипот има ненадеен почеток со висока температура, главоболка, општа малаксаност, истоштеност, болки во мускулите и зглобовите, црвено и болно грло, гребење во грлото, солзење во очите и секреција од носот, како и кашлица која најчесто е сува, непродуктивна. Секој заболен не мора да ги има сите наброени симптоми, а кај дел од заразените лица болеста може да помине и без симптоми (според податоци од некои студии тој процент се движи од 20-30 проценти), или пак со благи симптоми на настинка.

За потврдување на дијагнозата на грип, со брис се зема материјал од грло и нос и се испраќа во специјализирана лабораторија, каде во доставениот примерок се докажува присуство на вирусот или негови делови. Во време кога грипот е веќе широко распространет во заедницата и има лабораториска потврда за тоа, не е неопходна лабораториска дијагноза на секој поединечен случај, туку дијагнозата се поставува врза база на клинички знаци и симптоми.

Лекувањето на грипот, исто како и на настинките е симптоматско, односно се лекуваат симптомите, а не самата болест. Се спроведува хигиено-диететски режим (мирување, земање на повеќе течности – топли напитоци, лесна исхрана, витамини и минерали), а по препорака на доктор и во зависност од тежината на болеста, може да се дадат и одредени антивирусни лекови. Антибиотска терапија се дава само во случај на секундарни бактериски инфекции кои го влошуваат текот и исходот на болеста, односно за лекување на компликациите од грипот, исклучиво по налог на доктор.

Се смета дека годишно во светот околу 3-5 милиони луѓе заболуваат од тешки форми на грип, а околу 250-500 илјади од нив умираат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот