Почнува националната турнеја на првиот перформанс на проектот „Танц.Трансформатор“

Танцов перформанс „Schwindel“ / Фотографија: Ања Калин

Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес на 4 февруари ќе биде првиот домаќин на националната турнеја на „Schwindel“, првосоздадениот перформанс од низата во рамките на проектот „Танц.Трансформатор – Реобмислување на локалната танцова заедница“ на Културно-уметничкиот центар „Битрикс“.

По гостувањето во Велес, предвидени се изведби и во Младинскиот културен центар во Скопје на 6 февруари, НУ Центар за култура „Ацо Шопов“ во Штип на 8 февруари и во Народен театар „Антон Панов“ во Струмица на 9 февруари.

Перформансот „Schwindel“ е резултат на едномесечната танцова резиденција на кореографот Тобиас Драегер од Хамбург, Германија, кој беше селектиран како првиот кореограф во програмата на „Танц.Трансформатор“ преку отворен повик на кој пристигна 86 апликации.

Тој, заедно со шест танчари: Дејан Битровски, Теодора Ежовска, Сара Тасевска, Нина Петрушевска, Елена Стојкоска и Илина Костовска, во изминатите три недели работеа на оваа креација, која сега ќе се прикаже во четири града во С Македонија.

Терминот „Schwindel“ доаѓа од германскиот јазик и има двојно значење, и тоа „измама“ и „вртоглавица“. Кореографот, поаѓајќи од неговата позадина во остеопатија и современ перформанс, ги комбинира двете практики, ангажирајќи се да ги истражува и да ги адресира појавите на вртоглавица и исцрпеност како последица на брзиот начин на животот со кој се соочуваме денес.

Перформансот се занимава со анализа на тоа како луѓето се справуваат со разни емоционални и животни фази, справување со очај, повреда, ранливост на физичко и емоционално ниво, но, и со тоа како се преминуваат границите помеѓу состојбите.

„Танц.Трансформатор“ е едногодишен проект на центарот „Битрикс“, кој има за цел да обезбеди континуитет на работата на локалната танцова заедница, креирајќи контекст за работа и соработка, како помеѓу локалните конституенти на сцената, така и со интернационални партнери.

Проектот е поддржан од Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија и Агенцијата за развој и соработка на Швајцарија.

Уметнички директор на проектот е Ивана Балабанова, а проектен координатор е Ангела Стојановска. Финансиски менаџер е Павел Маслов, а креативниот тим го сочинуваат: Ана Стојановска (графички дизајнер), Томислав Балабанов (веб девелопер), Мартин Михајлов (видео), Ања Калин (фотографија), Антонија Јорданоска Гугинска и Маја Ѓуреска (костимографија), Мартин Манев (сценографија) и Мартин Димитријев (светло дизајнер).

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 165, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 февруари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот