Почнаа да пристигнуваат СМС-пораки за вакцинација против грип

Граѓаните кои се во ризичните категории и имаат можност бесплатно да се вакцинираат против грип, почнаа да добиваат СМС-пораки од Министерството за здравство со денот, времето и локацијата на вакциналниот пункт каде што ќе може да примат бесплатна вакцина против инфлуенца. Се работи за СМС-пораки кои сугерираат дека вакцинацијата ќе почне од оваа недела, на десетици вакцинални пунктови ширум земјава во здравствените домови.

Се работи за вакцина против грип од холандскиот производител Абот, која што според Министерството за здравство претставува најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи.

Вакцинацијата против сезонскиот грип е незадолжителна, по желба на граѓанинот и е наменета за следните ризични групи: лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до 5 години.

Со пополнување на формуларот се регистрирате за вакцинација директно во системот Мој Термин.

Министерството за здравство годинава набави најголем број вакцини против сезонски грип – 80.000 дози четиривалентна вакцина од реномираниот производител „Абот” од Холандија.

Грипот е акутно заразно заболување на дишните патишта, предизвикано од вирусите на инфлуенца тип А и Б, кое најчесто се јавува во зголемен број или во епидемиска форма во текот на зимскиот период. Во овој период, чести се и инфекциите со други респираторни вируси кои имаат исти или слични симптоми со грипот. Грипот е заразно заболување кое се шири директно од човек на човек, главно преку ситните капки кои ги исфрла заразениот човек при кашлање и кивање, или индиректно преку контакт со респираторни секрети (капки) од заболен човек со кои се загадени неговите раце или околните површини кои ги допирал, или предмети со кои се служел.

Симптомите на заболувањето се јавуваат 1 до 4 дена откако вирусот навлегол во телото. Најголем дел од лицата може да го пренесат вирусот на друго лице 1 ден пред да се појават симптомите и 5-7 дена откако болеста се манифестирала. Ова значи дека човек може да го пренесе вирусот пред да знае дека е инфициран.

Повеќето луѓе кои ќе заболат од грип може да се опорават за неколку дена до помалку од две недели, но некои луѓе може да развијат компликации (како што е пневмонија), а некои од компликациите може да бидат опасни по живот и да резултираат со смрт. Најчести компликации на грипот кои имаат умерен тек се воспаление на синусите (синузит) и воспаление на увото (отитис).

Пневмонијата е сериозна компликација на грип и може да биде резултат на инфекција со вирусот на грип или ко-инфекција на вирус на грип и бактерии. Како сериозни компликации предизвикани од грип може да се развијат воспаление на срцето (миокардитис), мозокот (енцефалитис) или воспаление на мускулните (миозитис). Грипот може да предизвика откажување на повеќе органи (на пр. респираторна или бубрежна инсуфициенција). Во ретки случаи инфекција со вирусот на грип на респираторниот тракт може да предизвика екстремен воспалителен одговор во телото и да доведе до сепса, сериозна животно загрозувачка состојба. Кај лица со хронични заболувања (астма, ХОББ, хронични срцеви заболувања итн) грипот може да предизвика влошување на постоечката состојба.

Вакцинацијата против грип е најефективен и најефикасен начин за превенција на грипот. Вакцината против грип е безбедна, ефективна, достапна и се користи повеќе од 60 години. Меѓу здрави возрасни лица, вакцината против грип може да ја спречи појавата на болеста за 70% до 90%. Меѓу постарите лица, вакцината ги намалува компликациите и до 60%, а појавата на смртните случаи за 80%.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот