Почна Велигденскиот пост: Која е најдобрата замена за кравјото млеко и каков зеленчук да се јаде наместо месо и јајца
Велигденскиот пост започна вчера и трае до 5 мај. Во текот на постот потребно е да се јадат различни намирници за да се внесат сите неопходни хранливи материи за правилно функционирање на организмот. Тоа ќе ве заштити и од вируси и настинки.
Препорачано
Што да се пие наместо кравјо млеко?
Растителни млека, како бадемово, од соја, кокос и од ориз, успешно ќе го заменат кравјото млеко во исхраната.
Бадемово млеко: една шолја (240 мл) има 40 калории, 24 отсто од потребната дневна количина на калциум, добар извор е на витамин Е, но има малку протеини.
Млеко од соја: една шолја содржи 80 калории, има протеини колку и кравјото млеко, но може да предизвика алергии и кај децата и кај возрасните.
Оризово млеко: има 120 калории во една шолја, природно е слатко, богато со јаглехидрати, но нема протеини. Поради количината на јаглехидрати не се препорачува за дијабетичари.
Кокосово млеко: една шолја содржи 50 калории, но негативната страна е што може да ја содржи состојката карагенан, која кај некои луѓе предизвикува дигестивни проблеми (со варењето).
Најдобра замена за месо и јајца
Благодарение на богатството на протеини, јајцата му обезбедуваат енергија на нашиот организам. Месото, освен протеини, содржи и големо количество железо. За двете намирници, постојат соодветни замени од растителна основа кои во време на постот можат да ги надоместат овие хранливи материи.
Грав: една шолја грав содржи 18 грама протеини и 15,6 грама влакна, што е повеќе од половина од дневните потреби на организмот.
Печурки: шампињоните содржат протеини и железо, иако во една шолја има само три грама протеини.
Туна: богата е со протеини, како и со омега 3- масни киселини.
Леблебија: половина шолја леблебија има 7 грама протеини и 6 грама влакна, а нема холестерол. Богата е и со железо.


