Фатос Нано / Фото EPA/ARMANDO BABANI

Почина Фатос Нано: Првиот албански премиер по комунизмот имаше бурен и контроверзен живот

Фатос Нано ја започна политичката кариера во 1991 година како прв премиер на посткомунистичка Албанија, подоцна беше принуден да поднесе оставка, во 1993 година беше уапсен и осуден за корупција по обвинение на Сали Бериша, а во 1997 година беше ослободен од затвор за време на немирите по колапсот на пирамидалните штедилници.

Поранешниот албански премиер и експретседателот на Социјалистичката партија Фатос Нано почина на 73-годишна возраст по неколкунеделно лекување во приватна болница во Тирана, каде што беше хоспитализиран во тешка состојба по срцев удар, објави „Панорама“.

Нано и во минатото имал здравствени проблеми. На 12 септември 2024 година бил подложен на хируршка интервенција поради скршена нога, при што му била вградена протеза. Нано и во 2023 година бил хоспитализиран во приватна болница каде што поминал неколку недели на интубација поради белодробни компликации.

Основачот и првиот лидер на Социјалистичката партија на Албанија се повлече од политиката во 2005 година, по долга и бурна кариера.

Фатос Нано трипати бил премиер на Албанија и ја водел Социјалистичката партија вкупно 14 години.

Кој беше Фатос Нано?

Во 1991 година Фатос Нано ја започна својата политичка кариера кога беше избран за премиер на Преодната влада, со задача да ги организира првите демократски избори во Албанија.

На изборите одржани на 31 март 1991 година, кои ги доби Социјалистичката партија, тој повторно беше назначен за премиер. Два месеца подоцна беше принуден да поднесе оставка.

Во март 1992 година Демократската партија победи на изборите, а една година подоцна Фатос Нано беше уапсен и осуден за корупција и злоупотреба на службената должност по обвинение на претседателот Сали Бериша.

Во 1997 година, за време на немирите што настанаа по колапсот на пирамидалните штедилници, што предизвикаа вооружено востание против претседателот Бериша, Нано беше ослободен од затвор.

Нано се врати од затвор на премиерското столче

На крајот на 1997 година се одржаа и парламентарни избори, кои ги доби Социјалистичката партија, а Нано повторно беше назначен за премиер. Тој поднесе оставка по немирите што следеа по убиството на Азем Хајдари.

Во јули 2001 година Социјалистичката партија повторно победи на изборите, а Нано по третпат стана премиер во јули 2002 година.

На 3 јули 2005 година Социјалистичката партија ги загуби изборите и мнозинството во парламентот. По поразот, на 1 септември 2005 година, Нано поднесе оставка како лидер на партијата.

На 8 јули 2007 година се кандидираше за претседател на државата во обид да го замени Алфред Моисиу.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот