Почина актерот Кори Паркер, познат по улогите во „Вил и Грејс“ и филмови од 80-тите и 90-тите
Актерот Кори Паркер, познат по улогите во ситкомот „Вил и Грејс“, како и во бројни филмови и серии од 80-тите и 90-тите години, почина на 60-годишна возраст по борба со рак. Починал во четврток во Мемфис, во сојузната држава Тенеси, потврдила неговата тетка Емили Паркер за „ТМЗ“, но не открила за кој вид рак станува збор.
Препорачано
Од актерот на Инстаграм се простила и неговата сестра Ноел.
„Верувам дека го напушти овој свет во мир и опкружен со љубов. Го славиме твојот неверојатен талент, неспоредливата страст и радоста што ја внесуваше во работата и во семејството, твојот огромен дар за подучување, великодушноста и љубовта. Нашите животи се многу побогати затоа што те познававме. Живееш во секој од нас и во сè што ни даде и со што нè инспирираше … засекогаш“, напиша таа.
Филмски и телевизиски улоги
Паркер во текот на кариерата оствари бројни улоги во Холивуд, а на екраните првпат се појави во средината на 80-тите. Една од неговите рани улоги беше во хорор-филмот „Петок 13-ти: Нов почеток“, во кој го играше ликот Пит.
Набрзо потоа се појави и во романтичната драма „Девет и пол недели“ покрај Ким Бејсинџер и Мики Рурк.
Последните години ги посветил на менторство
Во последните години од животот Паркер се повлече од актерството и се посвети на работата со помлади актери. Работеше како актерски тренер на проекти како серијата „Сан рекордс“ и серијата „Мис Марвел“.


