По Венеција и Рим, нови ограничувања за туристите во Италија
Италија во последните години воведува бројни ограничувања за да се справи со прекумерниот туризам. По воведувањето на надоместоци за посета на Фонтаната ди Треви во Рим, резервации за Венеција и популарната патека Path of Love во Чинкве Тере, нови мерки се воведуваат и во три многу посетувани дестинации: Капри, Фиренца и планинското село Санта Мадалена во Доломитите. Целта не е да се ограничат туристите, туку да се поттикне одговорно и почитливо однесување на посетителите.
Препорачано
Помали туристички групи на Капри
На островот Капри, каде живеат околу 13.000 жители, во текот на летото дневно доаѓа и до 50.000 туристи. Затоа, од ова лето групите ќе бидат ограничени на максимум 40 лица. За групи поголеми од 20 лица се забранети звучни системи, а водичите ќе мора да користат слушалки за посетителите. Забранети се и упадливите чадори и ознаки за собирање на групите, кои сега треба да бидат дискретни. Самостојните посетители нема да бидат погодени од новите правила, а властите нагласуваат дека тие кои останат подолго ќе можат да го доживеат посмирениот и автентичен Капри.
Забрана за тераси во историскиот дел на Фиренца
Во Фиренца, пренатрупаните улици доведоа до забрана за поставување на надворешни маси и тераси на 60 улици во историскиот дел под заштита на УНЕСКО, вклучувајќи Понте Векио и Пијазале дели Уфици. На уште 73 улици се воведени построги правила, како забрана за пластични покривки, реклами и силно осветлување. Некои жители ја поддржуваат мерката бидејќи ја намалува гужвата и го олеснува пристапот на итните служби, додека други сметаат дека тоа не е долгорочно решение и може да им наштети на угостителите.
Подобар и поспокоен туризам во Доломитите
Слично е и во селото Санта Мадалена во долината Вал ди Фунес во Јужен Тирол, кое стана популарно на социјалните мрежи поради спектакуларниот поглед кон црквата и врвовите Одле. За време на сезоната, селото дневно го посетуваат околу 600 туристи, најчесто еднодневни посетители кои доаѓаат само за фотографии.
Од мај, за да се намали гужвата, туристите ќе мора да паркираат подалеку од центарот и да платат за паркинг, а до црквата ќе се стигнува само пеш. Посетителите се сеуште добредојдени, но локалната заедница сака да поттикне поспокоен и одговорен туризам, со помин на повеќе време во селото и запознавање со локалната култура и природа, наместо брзо фотографирање и заминување.
Овие промени покажуваат како популарните дестинации се прилагодуваат на предизвиците на масовниот туризам. Наместо целосно ограничување на посетите, се нагласува подобра организација на просторот и поттикнување на посетителите да истражуваат на поспокоен и промислен начин. Таквиот пристап помага да се зачува уникатниот карактер на овие места и им овозможува на туристите побогато и автентично искуство.
На крајот, одговорното однесување на посетителите станува подеднакво важно како и мерките на локалните заедници. Со оглед на тоа дека туристите сè повеќе се привлечени кон места со помалку гужва, овие ограничувања можат да бидат успешен пристап.


