По успешното издание на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“: Македонскиот театар треба да продолжи да истражува

Сите добитници на наградите на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“

Фестивалот „Војдан Чернодрински“ годинава од 9 до 16 јуни понуди богата програма со претстави во официјална програма, пет претстави од независната продукција што игра домашен автор, дипломски претстави, многу разговори, дискусии за претставите и промоции на книги.

Нова енергија, свеж и комплетно редизајниран програмски концепт, инспиративно мото „Враќање дома“ и стратегија за поголем фокус кон македонските драмски автори на театарската сцена за следните изданија донесе Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ оваа година во Прилеп. Новата раководна и организациска структура на фестивалот влева надеж дека навистина има намери ветеното и да го оствари.

– Осум дена, многу изодени километри, многу нови пријателства, неколку ситни предизвици и полни срца љубов е билансот на годинашниот фестивал. Се надевам дека ви беше на сите убаво и дека се почувствувавте добредојдени. Ќе ми простите за сите ненамерни грешки и имајте ја предвид големата слика, а тоа е успешен фестивал. Се надевам дека ќе имате разбирање дека оваа работа ја учам и дека од срце сакам, навистина, Прилеп да е град театар! – рече Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот „Војдан Чернодрински“ на последната вечер на доделувањето на наградите на 57. издание во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Ана Стојаноска внесе нова енергија во програмскиот концепт

– Во моментот кога го замислив фестивалов, знаев дека сама нема да можам да го реализирам, за тоа му благодарам на целиот колектив од Центарот за култура, на сите волонтери и, пред сè, на мојот одличен тим, без кој овој фестивал немаше да биде ова што беше претходните денови низ Прилеп. Министерство за култура, Град Прилеп, сите општествено-одговорни компании, драги пријатели и соработници на фестивалов, моево благодарам не е само збор изговорен пред многу луѓе, туку е емоција од срцево што ја носам до сите вас! Како што еднаш рече еден од најзначајните театарски уметници, кој не е повеќе меѓу нас: „Јас сум со своите избори во мир, мирно спие волкот во себе“. Мене ми е важно да го славиме театарот и пред сè, нашата заедничка креативна работа. Ние не застануваме тука, моја цел е фестивалот да живее секој ден, секоја недела, секој месец, цела година! – истакна Стојаноска.

За наградите на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп одлучуваше меѓународното жири во состав: Јанко Љумовиќ, претседател, Милош Латиновиќ и Мирослав Мики Радоњиќ, членови. Жирито се согласи дека македонскиот театар треба да продолжи да истражува, дека актерската игра била најдоброто во сите претстави. Тие порачаа театарските менаџери повеќе да се фокусираат на домашната драма.

Актерот Дамјан Цветановски од Драмски театар

Радосни, емотивни и благодарни беа сите наградени театарски уметници кои дојдоа во Прилеп по своите признанија. Најбурни аплаузи и овации од публиката во салата доби актерот Дамјан Цветановски, кој ја доби наградата за машка улога за ликот на Кристофер во претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмски театар. Цветановски им се заблагодари на фестивалот, на комисијата, на неговата матична куќа.

– Им благодарам на целиот тим на Драмски театар што сакавме да направиме нешто значајно и мислам дека во некој дел од тоа успеавме. Ѝ благодарам на режисерката Зоја Бузалковска што ми ја даде оваа одговорност и имаше храброст да ми ја укаже оваа можност и да не се плаши за тоа што ќе направиме заедно. Да се заблагодарам на мајка ми, брат ми и на крајот да му се заблагодарам на човекот кому ја посветувам оваа награда – Владе Цветановски – Каначката, човекот што ме вдахнови со оваа љубов што ја имам за театарот, само со љубов беше направено ова што го наградивте. Татка, џам свиткавме! – рече Цветановски.

Претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ во режија на Зоја Бузалковска доби Награда за кореографија и сценски движења за Симон Симоновски, награда за костимографија на Елена Вангеловска и Раде Василев, награда за сценографија за Константин Трпеноски, награда за најдобра женска епизодна улога за Емилија Мицевска за улогата на Џуди, главна машка улога за Дамјан Цветановски за улогата на Кристофер Бун.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ја врачи наградата за Битолскиот театар

Наградата за најдобро остварување на фестивалот ја доби Народниот театар од Битола за „My Name is Medeja“ во режија на Себастијан Хорват. Наградата ја прими Иван Јерчиќ, актер и директор на театарот.

– Во Битола многу сакаме награди, се трудиме и работиме многу. Благодарам на жирито, кое беше составено од вистински театарски „тешкаши“ во вистинска смисла на зборот, кое ја препозна идејата дека ние сакаме да работиме современ театар што ќе кореспондира со денешницата, ќе биде свеж, ќе поставува прашања – рече Јерчиќ.

Претставата „My Name is Medeja“ на Битолскиот театар доби Награда за рекламен материјал за Сашо Илковски, награда за музика на Драго Ивануша, награда за главна женска улога за Илина Чоревска за ликот на Медеја, награда за најдобра режија за Себастијан Хорват.

– Медеја го има само насловот и сите референции што ги носи текстот на Еврипид, но оваа Медеја е млад човек во странска земја, кој се соочува со денешни реални проблеми и токму поради тоа е големината на оваа претстава. Среќна сум што ја добив наградата, која доаѓа во мој тежок животен период – рече Чоревска.

Наградата за современа сценска драматизација ја доби Лидија Митоска-Ѓоргиевска за „Мистерија Буфо“. Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Хакан Даци за улогата на Катуриан во претставата „Човек перница“ во изведба на Турскиот театар од Скопје, копродукција со „Машина продакшн“ и „Пик продукција“. За истата претстава, за улогата на Микаил, актерот Дин Ибрахим ја доби наградата за најдобра машка епизодна улога. Наградата за млада актерка ја доби Матеа Јанковска за Роња во „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театар за деца и младинци од Скопје.

Во чест на наградените беше изведена претставата „Последниот балкански вампир“ од Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски

Во чест на наградените, Српското народно позориште од Нови Сад ја изведе претставата „Последниот балкански вампир“ од Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 184, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-25.6.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот