Властите назначуваат директори по старите правила, намерно ли се пролонгира новиот Закон за раководна служба?

Со засилено темпо се пополнува третиот ешалон на власта. Но, во директорските фотелји се почесто не седнуваат лица кои биле избрани по пат на јавен оглас, туку вршители на должност, судејќи според најновите одлуки на Владата и министерствата. Јавноста беше сведок на десетина назначувања изминатиов период, а в.д. директори добија повеќе јавни претпријатија, клиники, Фондот за здравствено осигурување, Фондот за пензиско, Центарот за управување со кризи и други институции.

Според анализите на Антикорупциската комисија, во повеќе сектори меѓу кои се и образование и здравство, било утврдено дека функцијата в.д. директор не се користи за надминување на непредвидена состојба до пополнување на  раководните места со распишување на јавен конкурс, како што е предвидено во материјалните закони, туку се користи редовно, како да е тоа единствен начин за поставување директори. Па така, Антикорупциска на терен забележала дека за в.д. директор едно исто лице било назначувано дури и седум пати во низа, а постоел и градоначалник кој воопшто не знаел дека именувањето на в.д. директори е ограничено. Од друга страна, во идеални услови, во рок од 15 дена од назначувањето в.д. директор е неопходно да се распише конкурс за директор, но, според ДКСК, и тука се потфрлува. И Неда Малеска Сачмароска, од Центарот за управување со промени тврди дека постојат голем број случаи кога се надминува рокот од шест месеци за извршување на функцијата вршител на должност.

– Во моментов на веб страницата на Владата има објавено само 3 јавни огласи за избор на директор на институциите, а секојдневно читаме од објавите на медиумите дека Владата на една седница разрешува постоечки и именува десетици нови ВД директори на јавни институции, наместо да објави постапки за избор на нови директори додека се уште трае мандатот на актуелните. Пример кој го потврдува несоодветниот начин за примена на времениот карактер на механизмот ВД при назначување на директори за одредени јавни функции е што Владата скоро го разреши претходниот директор од должноста ВД директор на Агенција за квалитет и акредитација на здравствените установи, кој беше на функција речиси 3 години и повторно именуваше ВД директор, вели Сачмароска.

Вицепремиерот Љупчо Николовски во изјава за Слободен печат, пак, тврди дека роковите ќе бидат испочитувани.

– На овие одлуки им претходеше исцрпен процес на интервјуа и разговори за да се идентификуваат и прифатат соодветни кадровски предлози кои ќе ги исполнат критериумите и обврските што произлегуваат од усвоена владина програма, и кои се пред сѐ стручни и компетентни во областите за кои се именуваат. Станува збор за еден дел именувани како „вршители на должност“, на позициите на кои претходните директори поднеле оставки, додека за еден дел јавни претпријатија и државни агенции не е извршено именување со оглед на фактот што на актуелните директори им тече тековниот мандат. За сите позиции за кои се назначени в.д. директори ќе следат огласи со цел избор на директори со целосен мандат. Во моментов веќе се објавени огласите за дел од институциите (Управа за јавни приходи, Агенција за филм, Државен инспекторат за градежништво  и други), вели Николовски.

Дополнително, велат од Антикорупциска, професионализмот е ставен во заден план при конкурсот и избор за директори и продолжува старата практика на поставување кадар поради припадност на одредена политичка гарнитура, без отчетност и без да постои фер конкуренција.

Се уште не се знае судбината и на предлог Законот за висока раководна служба, кој доколку се усвои во Собранието, предвидува строги критериуми при избор на директори. Изминатиот владин состав ветуваше дека со новото законско решение ќе се професионализираат раководните позиции и тие ќе бидат издвоени од политичкото управување. Најважно, директорите ќе ги бира специјално формирана Комисија за селекција на високата раководна служба, чии членови ќе го минат процесот на составување налик оној на актуелниот состав на Антикорупциската комисија.

Комисијата ќе има задача да формира одбори за селекција на високи раководители, да раководи со постапките за селекција на високи раководители и да посредува помеѓу претпоставените функционери и високите раководители во случаи на спорови околу предвремен престанок на мандатот на високите раководители, нивно разрешување и оценување на нивната работата, се вели во нацрт-законот.

Од Центарот за управување со промени, кои учествуваа во подготовката на новото законско решение, велат дека во новиот текст се содржани и начелата за еднаков пристап, правична застапеност, родова еднаквост и конкурентност.

– Едно од начелата подразбира и дека при пополнување на високите раководни места ќе се води сметка за обезбедување соодветна и правична застапеност на припадниците на сите заедници, како и на родовата еднаквост и дека доколку во постапката за селекција, двајца или повеќе кандидати имаат ист број на бодови на конечната листа, предност ќе му се даде на кандидатот кој е припадник на заедницата или на родот што не е соодветно и правично или родово застапен на високи раководни места во институцијата. Начело на конкурентност подразбира дека високите раководни места ќе се пополнуваат преку јавен оглас, во транспарентна, фер и конкурентна постапка за селекција која гарантира избор на најдобриот кандидат, додава Сачмароска.

Сепак, со оглед на фактот што предлог-законот заглави во Собранието, во моментов останува директори да се бираат по старите процедури. Од Министерството за администрација се уште нема потврда на информацијата дали предлог-законот го повлекле од собраниска процедура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот