илустрација / Фото: Принтскрин/ Твитер/Sotheby's

ФОТО | По осум векови, реконструирани се 42 изгубени страници од Новиот завет, со помош на напредна технологија

Меѓународен тим на научници, предводен од професорот Гарик Ален од Универзитетот во Глазгов, успешно реконструираше 42 изгубени страници на еден од најзначајните рани ракописи на Новиот завет – Кодексот Икс. Со помош на мултиспектрално снимање и радиокарбонско датирање, што значи користење на технологии што овозможуваат да се види избледен или избришан текст и да се утврди староста на ракописот, истражувачите успеале дигитално да го обноват овој ракопис, кој претставува препис на Посланијата на Свети апостол Павле од 6. век, пишува „Физ.орг“.

Ракописот бил изгубен во 13. век, во манастирот Велика Лавра на Света Гора (Атос). Неговите пергаментни страници биле препишани и повторно искористени како материјал за поврзување на други книги или како заштитни листови. Денес, преостанатите физички фрагменти се наоѓаат во библиотеките во Италија, Грција, Русија, Украина и Франција.

Професорот Ален објаснува дека клучот за откритието биле хемикалиите од мастилото на новиот текст кои оставиле „отпечаток“ на спротивните страни. Овие траги се речиси невидливи за човечкото око, но јасно се гледаат со современи методи на снимање.

„Со мултиспектрално снимање успеавме да го повратиме „фантомскиот“ текст кој физички повеќе не постои. На овој начин практично реконструиравме повеќе страници информации од секоја физичка страна“, вели Ален.

Експерти од Париз потврдија дека пергаментот навистина потекнува од 6. век.

Иако текстот ги содржи веќе познатите Посланија на Павле, откритието нуди уникатен увид во развојот на Новиот завет низ вековите. Страниците ги содржат најраните познати примери за поделба на посланијата, кои значително се разликуваат од денешните. Исто така, фрагментите откриваат како во 6. век ги користеле, поправале и рециклирале светите текстови.

Проектот е реализиран во соработка со организацијата EMEL и манастирот Велика Лавра, а финансиран од Templeton Religion Trust и британскиот совет AHRC.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот