По иранските напади, САД ќе и дадат финансиска и техничка помош на Албанија за кибер-одбрана

Кибер / Фото: Архива

Откако кибер-нападите го изнесоа на виделина слабиот одбранбен систем на Албанија наспроти иранската агресија, земјата ќе добие финансиска и техничка поддршка од Вашингтон, со цел зајакнување на кибер-безбедноста, јави Топ чанел.

Пораката и ветувањето на американскиот претседател Џо Бајден, што преку официјално писмо ги донесе во Тирана, на шефот на државата Бајрам Бегај и на премиерот Еди Рама, им ги пренесе амбасадорката на САД при ОН, Линда Томас Гринфилд.

„САД остануваат посветени на обезбедување значајна поддршка за зајакнување на кибер-одбраната, вклучително и финансиска помош и формирање на работна група за кибер-безбедност. Го испративме амбасадорот Нејт Фик и еден претставник на Белата куќа во Тирана за да соработуваат на долгорочен план со вашиот нов координатор за кибер-безбедност“, пишува Бајден.

Споменувајќи го заедничкиот став против руската агресија во Советот за безбедност на Обединетите нации, САД бараат Албанија да преземе посилна лидерска улога во регионот, истовремено нудејќи американска поддршка за своето европско патување.

„Во наредните години имаме намера уште повеќе да ја продлабочиме нашата стратешка соработка. САД ќе продолжат да ги поддржуваат напорите на Албанија да има поголемо регионално лидерство преку промовирање на стабилност и енергетска безбедност на Западен Балкан. И ќе продолжиме да ја поддржуваме Албанија на нејзиниот пат кон членство во Европската унија“, наведува Бајден.

Во писмото претседателот Бајден високо ја оценува помошта на Албанија за сместување на украински и авганистански бегалци.

Амбасадорката Гринфилд во Европа ќе престојува до 9 месецов, а освен Албанија ќе ја посети и Полска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот