По двата случаи со заразени, во старските домови моментно нема коронавирус

Посетите во домовите за стари лица се строго забранети, а вработените внимаваат на своето однесување за да не го внесат коронавирусот во уставновите, велат надлежните.

Во старските домови низ Македонија досега се регистрирани два случаи на заразени корисници со коронавирус, во Битола и во Куманово, а во моментов нема сомнителни случаи. Превземени се сите мерки за заштита, а посетите на старите лица, како и нивното излегување од домовите е строго забрането.

На 3 април во домот „Зафир Сајто“ во Куманово се вратила корисничка која претходно била на болничко лекување. Според директорот Дејан Стојановски таа била оставена пред домот, а персоналот веднаш ја сместил во изолација и побарал тестирање на коронавирус. Жената била позитивна и веднаш била вратена во кумановската болница.

За случајот во домот „Сју Рајдер’“ во Битола извести министерот за здравство Венко Филипче на 9 април, кој рече дека на 18 март таму бил примен нов штитеник, кој една недела подоцна бил префрлен на инфективното одделение во битолската болница поради зголемена температура, а во следните денови добил позитивен резултат на тестот. Потоа медиумите известија дека 86-годишниот пациент се опоравува и дека има втор негативен тест. Во домот биле негативни сите 20 брисови земени од корисниците кои биле во иста соба и на истиот кат со болниот, а девет медицински сестри од 4 април се во изолација.

Во домот во Куманово нема нови сомнителни случаи, а корисниците не излегуваат.

– Кога почна кризата на почетокот на март ние веднаш се реорганизиравме и ги намаливме посетите. Набавивме дополнителни количини на маски и ракавици, како и средства за дезинфекција. Постојано се прилагодувавме на новонастанатите ситуации, па подоцна ги забранивме сите посети во домот. Ги советуваме корисниците како да се однесуваат, како самите да се заштитат. За набавките на корисниците, како лекови, пелени и сл. се грижат нивните роднини. Посетите се забранети, но контакт со корисниците имаат нашите вработени, кои можат да го внесат вирусот и затоа тие добија насоки особено да внимаваат на однесувањето, особено додека патуваат кон работното место – вели Стојановски за „Слободен печат“.

Во кумановскиот дом „Зафир Сајто“ во моментов има 151 корисник, а на располагање се 175 легла.
Во домот „Киро Крстевски – Платник“ во Прилеп пред епидемијата со коронавирусот имало 137 корисници, а сега се 122. Според директорот Мики Крстев бројот се намалил затоа што дел од корисниците поради вирусот заминале кај родинините да се чуваат во домашни услови, а дел починале.

– Откако изби епидемијата нема посети во домот. Роднините можат телефонски да ги добијат информациите за корисниците или да комуницираат директно со нив. Не е дозволено ниту излегување на старите лица, а нашите вработени им купуваат се што им е потребно. Дозволено им е да шетаат во дворот на домот. Досега не сме имале сомнителен случај. Имаме доволно опрема, заштитни материјали и средства за дезинфекција, а редовно добиваме и донации од одговорни поединци и фирми. Неодамна добивме донации 25 телевизори, машини за чистење со пареа, визири, маски итн – вели Крстев.

Старските домови се местата каде треба најмногу да се внимава да не се внесе коронавирусот, поради тоа што смртноста од ковид 19 е најголема кај старите лица. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека на сите јавни и приватни установи за заштита на стари лица им доставиле серија препoраки за мерките што треба да се превземат.

– На домовите им е препорачано да воведат забрана за посети на корисниците, да го подигнат нивото на хигиената и да вршат континуирана дезинфекција на објектите, да определат соби за самоизолација во случај да се појават корисници со симптоми на ковид 19, вработените задолжително да користат заштитна опрема – маски и ракавици и да одржуваат постојани контакти со Центрите за јавно здравје за добивање на правовремени информации за начините на постапување – велат од Министерството за „Слободен печат“,

Во моментов во Македонија има 5 јавни установи за сместување и грижа на стари лица со капацитет за сместување од 624 легла (во Скопје, Куманово, Битола, Прилеп и Берово), како и 30 приватни установи со капацитет за сместување од 1.157 легла.

Старските домови темпирани бомби

Во Германија коронавирусот влезе во најмалку 331 старски дом и установи за нега на лица, а во домовите досега починале најмалку 226 лица. Низ Германија во старските домови се сместени 818.300 луѓе.

Во дом за стари во Будимпешта деновиве се потврдени над 100 случаи на заразени со коронавирус, а еден дом во источна Грција е ставен во карантин откако се потврдени као позитивни најмалку 10 корисници и двајца вработени.

Во регионот, во приватен дом за стари лица во Ниш деновиве болеста е потврдена кај 30 корисници и тројца вработени, откако претходно коронавирусот беше потврден кај двајца вработени. Болните се пренесени во Клиничкот центар центар во Ниш, а таму се хоспитализирани и 151 корисник на Геронтолошкиот центар во Ниш.

Во Сплит е потврдена инфекција со коронавирус кај 50 лица кои се поврзани со Центарот за стари и немоќни лица, од кои осуммина се вработени.

Неодамна во Монтреал во Канада починаа 31 жител на дом за стари лица со медицинска нега. Беше потвредно дека петмина жители на домот биле заразени со коронавирус, а останатите починале од невнимание, затоа што не добивале лекови за сериозни хронични заболувања од кои страдале, односно штитениците биле оставени сами.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот