По 300 евра казна и 3 години забрана за влез им е пресудено на тројцата Бугари уапсени на Деве Баир

По 300 евра парична казна, протерување од Македонија и три години забрана за влез во државата добија тројцата бугарски државјани што денеска беа упасени на граничниот премин Деве Баир затоа што се обидоа да предизвикаат инцидент со македонската полиција така што ги навредуваа и насилно се однесуваа кон нив додека чекаа да влезат во земјата.
Во судот во Крива Паланка вечевра заврши процесот против нив.
Тројцата уапсени Бугари се гонети за сторен прекршок, нарушување на јавен ред и мир.
Бугарските државјани, 35-годишниот Г.З., 50-годишниот А.Х., и 54-годишниот Р.Х (54), како што соопшти МВР, биле приведени околу 12:45 часот откако се однесувале дрско и недолично и прво вербално, со најпогрдни зборови, а потоа се обиделе и физички да нападнат полициски службеници кои преземале службени дејства.
На преминот „Деве Баир“, на нашата граница кон Бугарија од утрово беа воведени засилени полициските контроли, поради најавите за доаѓање на организирани групи бугарски државјани за посета на гробот на македонскиот револуционер, Гоце Делчев, на одбележување на 151-та годишнина од неговото раѓање.
Во еден период од денот, поради пад на системот за контрола на граничниот премин „Деве Баир“ за влез во земјава се чекаше неколу часови.