ПНВ Публикации: Иновација за ново читателско искуство

Издавачот „ПНВ Публикации“ ја објави најнаградуваната стихозбирка „Почетни координати“ на хрватската поетеса Моника Херцег. Препевот е на Ѓоко Здравески. Дебитанската збирка на Херцег во 2017 година доби повеќе значајни награди, меѓу кои „Горан за млади поети“, „Квир ин“, „Фран Галовиќ“, „Славиќ“ и меѓународната награда „Мостови на Струга“, што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата. Авторката ги објавила и стихозбирките „Ловостој“ (2018) и „Времето пред јазикот“ (2020).

Во македонското издание на книгата „Почетни координати“, покрај извонредните песни на Херцег, испечатени се и неколку QR-кодови, со цел да се понуди едно ново читателско искуство. Имено, при скенирање на кодовите со мобилниот телефон, читателите ќе се поврзат со аудиоснимка направена ексклузивно за ова издание, на која авторката ја чита односната песна на својот мајчин јазик.

Моника Херцег

– Идејата за оваа иновација, со која се обидуваме да ја поврземе класичната печатена книга со новите технологии, произлезе од нашето мото „Да се чуе гласот на авторот!“, кое веќе подолго време го практикуваме со нашиот непосреден пристап при претставувањето на делата и авторите на нашите книжевни промоции, како и нашите заложби авторите да бидат во фокусот на настаните поврзани со нивните книги и непосредно да комуницираат со читателската публика, за на тој начин да се поврзат, да разменат идеи и впечатоци, да ја пренесат својата порака и да добијат директен фидбек од публиката.

Со посредство на нивниот паметен телефон, на читателите им овозможуваме да ја слушнат поезијата во својата изворна форма, звук, ритам, емоција и атмосфера, онака како што ја доживува авторот – објасни Јулијана Величковска, основач и главен уредник во „ПНВ Публикации“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 43, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 8-9 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот