ПМФЛ: Струга ТЛ го пречекува Силекс и не смее да си дозволи уште еден кикс
Фудбалерите на Струга Трим Лум не го стартуваа пролетниот дел од првенството според своите планови, со оглед дека го загубија дербито во Тетово против Шкендија.
Препорачано
Но, нема многу време за анализи и впечатоци, затоа што следи нов предизвик, денешниот дуел од 14.00 часот со Силекс на домашен терен во 18 коло од Првата македонска лига.
Младинскиот репрезентативец, Меметриза Хамза вели дека Струга е целосно подготвена на натпреварот на кој не смее повторно да се киксне. Тој потенцира дека натпреварот против Шкендија бил само лош ден за нивниот тим и дека веќе е заборавен, со цел да се фати серија на позитивни резултати.
– Подготвени сме и за овој натпревар, исто како и за претходните. Силекс го анализиравме доволно и се надеваме дека на крајот ќе ги освоиме сите три бода. На почеток сме од пролетниот дел од шампионатот и можам да кажам дека дуелот против Шкендија беше само еден лош ден за нас како екипа. Тоа веќе е минато и сега сме целосно фокусирани на следните натпревари, пред сѐ на денешниот дуел против Силекс. Веруваме дека нема да погрешиме и многу брзо ќе им се вратиме на позитивните резултати – вели Хамза.
Играчот на Струга ТЛ за клубот од Кратово има само пофални зборови и респект:
– Силекс има многу добар тим, но ние играме на нашиот стадион, пред нашите навивачи, за првпат во официјален натпревар во 2026 година. Како и секогаш, го почитуваме секој противник што доаѓа во Струга, но на теренот работите се поинакви. Таму ќе се обидеме да ги освоиме трите бода и да ја продолжиме трката за титулата – рече Хамза.
На табелата Струга е на третата позиција со 41 бод, зад водечкиот Вардар (45) и второпласираната Шкендија (42), додека на четвртото место е Силекс со 32 бодови.


