Фото: Janusz Pieńkowski / Alamy / Alamy / Profimedia

Платата е најголем мотиватор за сите работници – Организацијата на работодавачи објави клучно истражување

Финансиската сигурност и соодветната награда за вложениот труд се основен предуслов за привлекување и задржување на кадар, се согласуваат 100 отсто од учесниците во најновото регионално истражување, велат од ОРМ

Платата е најголем мотиватор при изборот на работното место и ова без исклучок е најважниот момент за македонските граѓани, покажува најновата студија за социјалниот дијалог и состојбата на работната сила во секторот за водоснабдување, спроведена во рамките на проектот „Промовирање и зајакнување на социјалниот дијалог во секторот за води преку иновативни пристапи”, ProSDinWater, финансиран од Европската Унија, презентирана од Организацијата на работодавачи. Освен Македонија, во истражувањето учествуваа и Бугарија, Италија и Малта – и тоа ја истакнува важноста на социјалниот дијалог за унапредување на условите за работа.

-Најголем дел од испитаниците (100 отсто) ја посочиле висината на платата како главен мотиватор за избор на работно место. Финансиската сигурност и соодветната награда за вложениот труд се основен предуслов за привлекување и задржување на кадар.
Работничките права, личната мотивација и трендот на промена на работната сила се исто така издвоени како значајни фактори – при што 97 отсто од учесниците оцениле дека секторот не е доволно атрактивен за младите. Ова укажува на потреба за сериозни инвестиции во подобрување на имиџот на секторот и создавање на услови за развој и напредок – посочуваат од ОРМ за „Слободен печат“.

Истражувањето спроведено во рамките на проектот укажа на неколку критични аспекти кои треба да се адресираат за да се подобри состојбата со работната сила и да се зголеми атрактивноста на секторот – особено за младите луѓе.

– И здравствената заштита и превенцијата, возраста и професионалното искуство се клучни елементи според 97 отсто од испитаниците, кои нагласиле дека добрата грижа за вработените е директно поврзана со продуктивноста и стабилноста на работната сила. Не помалку важни се и квалитетните работни услови, како што се безбедноста на работното место, техничката опременост и организациската култура, па оттука не треба да чуди што тие се суштински за задоволство и посветеност на вработените за 99 отсто од испитаниците – додаваат од ОРМ.

Дополнително, 96% од испитаниците укажале на важноста на интеграцијата на информациските технологии и вештачката интелигенција, справување со дискриминација, подобро организирање на работното време, како и потребата од програми за континуирано унапредување на професионалните вештини и дополнителни придобивки, дури и оние што не се предвидени во колективните договори.

-Резултатите покажуваат и дека речиси две третини од испитаниците (69,3 отсто) сметаат дека социјалниот дијалог на секторско ниво придонесува кон подобрување на работните услови, а 83, отсто од анкетираните 149 вработени ја оценуваат ефективноста на социјалниот дијалог во своите компании како позитивна – посочуваат од ОРМ и додаваат дека социјалниот дијалог и колективното преговарање во Македонија се сè уште слабо користени алатки и покрај тоа што во голема мера ги спречуваат социјалните и синдикалните конфликти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот