Пивоваров за „Слободен печат“: Имаме хибридна војна, треба да побараме помош од сојузниците

Истрагата за лажните дојави за бомби е во надлежност на Министерството за внатрешни работи, а Министерството за одбрана е во комуникација со МВР и можеме да потврдиме дека во активностите за откривање на лицата кои стојат зад бомбите се користат механизмите на меѓународна помош, меѓународни безбедносни и полициски организации, велат од Министерството за одбрана за „Слободен печат“ на прашањето дали е побарана помош од НАТО за откривање од каде доаѓаат заканите за бомби.

Извори од Алијансата ни изјавија дека од нив формално не е побарана таква помош, а експертите сметаат дека иако откривањето на изворот на таквите хибридни напади е многу тешко, се работи за глобален проблем кој треба глобално да се решава.

Националниот координатор за гранично управување Владимир Пивоваров во изјава за „Слободен печат“ вели дека апсолутно, секако треба да побараме помош од земјите сојузнички, бидејќи се работи за хибридна војна, а ние сме дел од тоа семејство. Според него, секојдневните закани со бомби на некој начин станаа помодарство и ваквата појава може да оди во бесконечност.

– Создавање нови логови, вртење низ целиот свет… поради сето тоа секаде тешко се доаѓа до извршителот. Колку и да сакаме да го обвинуваме МВР треба да сме свесни за реалноста. Ја разбирам политиката на напади од опозицијата, но ако некој го најде решението сите ќе прифатиме, бидејќи сите сме засегнати од овој проблем. Прашањето е дали ние располагаме со таква техника за да го откриеме изворот на проблемот и дали и сојузниците имаат таква можност со она што располагаат. Техниката секој ден оди напред и напред и прашањето е дали овие хакери се понапред во таа техника. Ако имате алатки ќе дојдете лесно до извршителот. Вака хакерите можат во заложништво да го држат светот бидејќи ова се случува во многу земји. И затоа велам ова е глобален проблем кој глобално треба да се решава, ни изјави Пивоваров.

И поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин, се согласува дека слободно може да побараме помош од Алијансата бидејќи блокот помага за активности кои може да се викаат сајбер напади или хибридни напади. Според него, најголемата опасност за овој вид сајбернапади е таканаречената критична инфраструктура како аеродромите, железнички станици, банки, банки на податоци, болници и слично.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот