Фото: ФК Силекс

Пиреш: Подготвени сме да се бориме за трите бода против Вардар

Домашниот терен оваа пролет за фудбалерите на Силекс не се покажа како предност. Кратовскиот прволигаш и натаму ја бара првата победа во Кратово, откако ремизираше против Башкими и загуби од Шкендија. На гостински терен, пак, од трите меча имаат две победи и едно реми, она со Пелистер минатото коло кога одиграа без голови.

И покрај ова, од кратовскиот тим со оптимизам влегуваат во пресметката денеска од 14.00 часот во Првата македонска лига со лидерот на табелата Вардар, со надеж дека ова ќе биде почеток на една победничка серија на домашен терен.

Мигуел Пиреш, португалскиот интернационалец во редовите на Силекс, верува дека неговиот тим може да дојде до бодовите, со што кратовскиот тим би ја намалил разликата од првопласираниот тим на табелата.

– Очекувањата се секогаш исти од секој натпревар – три бода. На првиот меч против нив имавме чувство дека со малку повеќе среќа можевме да избегнеме пораз. Нашиот противник е лидер, тоа е затоа што прават сè како што треба. Им требаат бодовите да останат лидери, а нам ни се потребни да ја намалиме разликата. Ваквите натпревари се секогаш тешки – изјави Пиреш.

На прашањето дали „стравува“ од домашниот терен, со оглед дека кратовскиот тим ја бара првата победа на својот стадион пролетва, Пиреш одговори:

– Условите на теренот беа полоши, и тоа не ни помогна да го форсираме нашиот стил на игра. Сега мислам дека условите се подобрени, и затоа очекувам да почнеме нова победничка серија на домашен терен. Атмосферата во тимот е добра. Ако има некои натпревари во кои играчите уживаат да играат, тоа се ваквите мечеви. Затоа најважно е да бидеме подготвени да се бориме за трите бода – рече португалскиот фудбалер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот