Пикси: „Не се грижете, понудив оставка“
Селекторот на Србија, Драган Стојковиќ – Пикси, по поразот на својата репрезентација изјави дека понудил оставка на челниците на Фудбалскиот сојуз.
Препорачано
„Одговорен сум човек. Ја понудив својата оставка. Овој пораз не го очекував. Противникот беше ривал за второто место. Не грижете се…“, изјави Стојковиќ на прес-конференцијата по натпреварот.
Тој додаде дека нема да патува со репрезентацијата на следниот натпревар:
„Што се однесува до времето, ситуацијата е специфична. Не патувам за Андора, не е рационално. Им реков дека нема да одам, натпреварот ќе го води Ѓоровиќ.“
На прашањето дали местото на кое се играше мечот било фактор за поразот, селекторот беше јасен:
„Одговорноста е исклучиво моја, без разлика каде играме. Резултатот ја отсликува состојбата на теренот – тие дадоа гол, ние не. Првото полувреме го одигравме коректно, имавме неколку шанси, но не успеавме да ја сместиме топката каде што треба. Потоа следуваше ладен туш пред полувремето.“
Стојковиќ ја продолжи анализата:
„Вметнавме многу офанзивни играчи, но немаше квалитетна завршна топка. Влаховиќ имаше една шанса, но шутираше високо. Искрено, не очекував ваков резултат. Не затоа што се прашувам дали ќе останам или не, туку затоа што не верував дека ќе изгубиме.“
Тој застана во одбрана на фудбалерите:
„Ако ми кажеше некој во 2021 година дека вака ќе заврши, немаше да поверувам. Имавме многу убави моменти, многу пати ја усреќивме нацијата, овојпат ја разочаравме. Спремен сум да ги сносам последиците. Не барам алиби – така е.“
На крајот, селекторот порача:
„Фудбалот се игра за голови. Го направив овој избор на играчи затоа што верував дека можат. Очигледно или јас згрешив, или нешто друго не функционираше. Кога ќе заминам – а ќе заминам горд – ќе остане голема привилегија што бев селектор на својата земја. Ќе се направи анализа дали нешто вредеше или не. Но ова – ваков пораз – не смееше да се случи.“


