Пезешкијан: Во иранското раководство има единство и стабилност
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан се обидува да ги демантира наративите дека постојат поделби во врвот на иранското раководство, во момент кога САД вршат сè поголем притисок врз Техеран поради спорот околу Ормутскиот Теснец, пренесува „Ал џазира“.
Препорачано
Пезешкијан денеска соопшти дека имал позитивна средба со врховниот лидер Моџитаба Хамнеи, што според медиумите е прва нивна средба откако Хамнеи пред два месеци ја презеде најмоќната функција во Иран.
Според државните медиуми, средбата траела два и пол часа, а Пезешкијан изјавил дека атмосферата била исполнета со „доверба, смиреност, единство и со директен дијалог“.
По убиството на ајатолахот Али Хамнеи и други високи функционери на почетокот на војната на 28 февруари, американскиот претседател Доналд Трамп и други американски претставници повеќепати тврдеа дека во иранското раководство постојат сериозни поделби.
Американскиот државен секретар Марко Рубио неодамна изјави дека Иран има „пукнатини во сопствениот лидерски систем“, додека дел од медиумите блиски до иранската опозиција објавија дека Пезешкијан бил незадоволен од операциите на Револуционерната гарда и дури размислувал за оставка.
Сепак, кабинетот на иранскиот претседател ги демантираше тие информации, оценувајќи ги како „лажни вести“ и нагласувајќи дека одлуките се носат заеднички со командантите на Исламската револуционерна гарда.
Аналитичарите сметаат дека Револуционерната гарда има клучно влијание врз иранската стратегија околу Ормутскиот Теснец и конфликтот со САД.
Експертот Сина Туси за „Ал џазира“ изјави дека војната дополнително ја засилила улогата на безбедносните структури околу новиот врховен лидер.
„Ормутскиот теснец сè повеќе се гледа како едно од главните средства за одвраќање на Иран, особено по војната која покажа дека Техеран и понатаму може да го загрози поморскиот сообраќај и енергетските рути“, изјави Туси.
Иранските власти, и покрај тензиите, продолжуваат дипломатски контакти со Вашингтон преку посредници, но истовремено порачуваат дека нема да прифатат договор што би значел „капитулација“.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагачи оваа недела престојуваше во Кина, а Техеран останува во близок контакт и со Русија.
Во меѓувреме, Бенјамин Нетанјаху и Трамп продолжуваат да бараат целосен прекин на збогатувањето ураниум во Иран и предавање на резервите на високо збогатен ураниум.
Според дел од аналитичарите, најреално сценарио е продолжен конфликт со повремени дипломатски преговори, наместо брза нормализација или целосна војна.


