Петровска: Заслужува поголемо внимание улогата на комисиите за помилување на министерството за правда и на Претседателот

Наталија Петровска, Фото: Архива

Прашањето за помилување по или пред правосилноста на пресудата е различно решено во различни системи, бидејќи и двете решенија имаат свои придобивки, вели во изјава за „Слободен печат“ Натали Петровска од коалицијата „Сите за правично судење“, кометирајќи го новиот предлог Закон за помилување со кои шефот на државата ќе може да помилува само лица за кои има правосилна судска пресуда.

– Од една страна помилувањето пред правосилност на пресудата оддава впечаток за индиректно утврдување на вина и воедно и признавање на вината со прифаќањето на помилувањето пред да биде финализирана постапката. Од друга страна, неможноста некое лице да биде помилувано пред правосилноста на пресудата нема да има ефект врз севкупната можност тоа лице да биде помилувано, па така може да настанат непотребни трошоци за кривичната постапка доколку се чека помилувањето да биде дадено по правосилноста. Оттука, не би можеле да кажеме дека станува збор за подобро или полошо решение, туку едноставно за поинакво решение од досегашното, изјави Петровска.

Што се однесува до можноста активни судии да членуваат во комисијата за помилување на Министерството за правда, но и на советодавната комисија на Претседателот, таа вели дека иако истата го привлече вниманието на јавноста, она што заслужува поголемо внимание е улогата и меѓусебниот однос, односно влијание на овие комисии, како и нивното влијание врз конечната одлука за помилување донесена од Претседателот.

– Во таа смисла, најнапред е битно да се постават поспецифични услови за членовите на комисијата при Министерството за правда, со цел да се избегне голема дискреција на министерот при формирање на комисијата и особено да се избегнат дефиниции кои во минатото се покажале како проблематични, како што е на пример терминот истакнат правник, или истакнат стручњак, а потоа и да се утврдат точните надлежности и меѓусебен однос на овие тела, потенцира Петровска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот