Петмина тетовци дрогирале и продавале 15-годишно девојче, се изживувале повеќе од една година
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека ќе гони петмина осомничени за трговија со луѓе – тие, според ОЈО ГОКК, во Тетово, лани и преклани, во период подолг од една година, сексуално искористувале и подведувале на проституција 15-годипно девојче.
Препорачано
„Првоосомничениот од есента 2023 година до крајот на 2024 година, во Тетово, откако започнал емотивна врска со тогаш 15-годишната жртва, ја злоупотребил положбата на љубовен партнер и континуирано манипулирајќи со неа и искористувајќи ја довербата што жртвата му ја укажала, ја довел во состојба на зависност. Користејќи различни форми на принуда ѝ овозможил на жртвата да конзумира психотропни супстанции, со што ја доведувал во состојба на физичка или ментална неспособност, воспоставувајќи контрола врз неа“, велат од Обвинителството.
Според надлежните, потоа макрото за пари го принудувал детето-жртва на сексуални односи со другите четворица осомничени.
„Лишувајќи ја од способност самостојно да донесува одлуки, (првоосомничениот) го вовлекол детето-жртва во состојба на сексуална експлоатација. Заради остварување имотна корист, ја подведувал жртвата да дава сексуални услуги, а на останатите осомничени и други неидентификувани лица им овозможил да користат сексуални услуги од детето-жртва, кои иако знаеле и биле должни и можеле да знаат дека е жртва на трговија со луѓе, сепак ги користеле сексуалните услуги и му плаќале на осомничениот директно или преку детето-жртва“, се додава во соопштението.
Од полицијата соопштија дека поднеле кривична пријава против петмина осомничени од Тетово: Ф.М.(25) – за кривично дело „трговија со дете“ (418-г ст.1 и ст.2), против И.Д.(56), А.С.(30) и Л.С.(28) за сторено кривично дело – „трговија со дете“ (418-г ст.3) и против Р.М.(31) за кривично дело – „полов напад и силување“ ( 186 , ст.1 и ст.2) од КЗ на РСМ.


