profimedia

Пензиите се навреме, ама реформите доцнат

Македонските граѓани засега одат најрано во пензија во однос на околните земји. Но, прашање на време е кога ќе мора да се зголеми старосната граница, или пензискиот придонес за да има одржлив пензиски фонд

Засега сите молчат за пензиска реформа со која треба нешто да се направи за да се намали дупката во Пензискиот фонд, која редовно се надополнува со пари од државната каса. Според сознанијата на „Слободен печат“, на состаноците што ги имале компетентните во државава со претставниците од Светска банка, меѓународните претставници биле упорни во докажувањето дека мора да се зголеми староста кога се оди во пензија, како и да се зголеми пензискиот придонес, но нашите не попуштиле, односно барале дополнително време.

Во регионот и во светот сите прават корекции и пензионирањето сè повеќе се одолжува под силниот притисок на демографските трендови – од една страна за да се обезбедат работници, од друга страна за да се обезбедат пари за пензионерите.

Ако ги погледаме податоците за земјите од нашето опкружување, во Македонија најрано се оди во пензија. Според нашето законодавство, и мажите и жените, доколку имаат најмалку стаж од 15 години, одат во пензија на 64 години, со тоа што жените може да изберат да одат и порано, на 62 години. Во моментов има многу неповолен сооднос на бројот на вработени во однос на пензионери. Или 1,6 вработени издржуваат еден пензионер. Како и да е, сега пензиите редовно стигнуваат секој први, а просечната пензија е 27.133 денари.

Илија Николовски од Партијата на пензионери вели дека демографските притисоци насекаде доведуваат до зголемување на животниот век за пензионирање, но дека границите треба да се поместуваат внимателно.

– Најнепопуларно или најнепосакувано решение би било веднаш да се зголеми старосната граница за одење во пензија. Најдобро би било тоа да се прави постепено. Како на пример, секоја година за еден-два месеци, но истовремено да има постепено зголемување на придонесите. Ако сега некому пред пензија му кажете дека треба да работи уште две, или три години, тоа навистина може да биде шок. Но, факт е дека моменталната ситуација со Пензискиот фонд е тешко одржлива, особено ако се продолжи со линеарното зголемување на пензиите. Пензискиот фонд тешко може да издржи – порачува Николовски во изјава за „Слободен печат“.

Ангел Димитров од Организација на работодавачи вели дека за различни дејности треба да има различен работен век.

– Не може да барате од некоја текстилна работничка да ви стои зад машина до 67 години, или некој градежен работник да ви виси на скеле на тие години. Но, има дејности каде што може подолго да се работи. На сите им е јасно дека има проблеми со полнењето на пензискиот фонд, затоа од економска гледна точка има оправдување за предлогот на Светска банка, но мора да се внимава и на хуманиот аспект, затоа би било најдобро за пензионирањата да има поделба по дејност – вели Димитров во изјава за „Слободен печат“.

Тој посочува дека во текстилниот сектор има многу жени што почнале многу млади со работа, па иако имаат стаж 40 години, не може да заминат во пензија.

– Синдикатите повеќепати, пред повеќе влади, го отвораа ова прашање, бараа измена на закон, но на ниту една влада ова не ѝ одговара, важно ѝ е што подолго да се плаќа пензиски придонес – вели Димитров.

Тој посочи дека во моментов во Германија се одвива пензиска реформа, а еден аспект би бил интересен доколку се примени и кај нас.

– Во Германија ќе им се овозможи на оние што немаат стаж од 15 години, на пример имаат 12 години, да доработат уште три години да го фатат неопходниот минимум за да може да добијат пензија – вели Димитров.

Светска банка повеќе години препорачува мерки за подобрување на состојбата со пензискиот фонд. Оттаму посочија дека е потребно и да се укине постојниот модел по кој се зголемуваат пензиите, односно индексирање според растот на платите и цените. Од Светска банка сметаат дека потребно е постепено зголемување и изедначување на возраста за пензионирање на мажите и на жените, но и зголемување на стапката за плаќање придонеси.

Како е во опкружувањето?

Од 1 јануари жените во Србија и во Хрватска ќе одат во пензија на 64 години, што е зголемување за два и за три месеци, затоа што овие земји воведоа постепено зголемување на нивниот пензиски стаж. И во двете земји, мажите одат во пензија со навршени 65 години.
Во Словенија и мажите и жените одат во пензија на 65 години, но ако имаат стаж од 40 години, може да одат и на 60 години. Словенија усвои пензиска реформа според која во периодот од 2028 до 2035 година, возраста за пензионирање постепено треба да стигне до 67 години.
Во Црна Гора услови за стекнување право на старосна пензија за мажи се наполнети 65 години, а за жена 63 години и 3 месеци и да имаат најмалку 15 години стаж на осигурување. Исто така, може да се оди во пензија и со 61 година, но со стаж од 40 години. Но жените ако направат стаж од 30 години и 3 месеци, можат во пензија и на 58 години и 3 месеци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот