Пендаровски по повод 24 Мај: Сѐ уште има такви коишто си земаат за право да имаат ексклузивитет врз општите и заеднички добра

Стево Пендаровски претседател на РСМ / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Претседателот Стево Пендаровски упати честитка по повод одбележувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.

Честитката ви ја пренесуваме во целост:

„Почитувани сограѓани,

Дозволете ми да ви го честитам 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, и посакувам овој голем празник да го поминеме во добро здравје, мир и хармонија, во љубов и во радост.

Денот посветен на солунските браќа, кои не само што ги поставија темелите на духовноста и на писменоста кај словенските народи туку и инаугурираа идеи и дела исполнети со хуманост и со човекољубие и коишто имаат почитувачи и следбеници ширум светот, за нас е повеќе од празник. Ние имаме особен долг и благодарност кон нивното дело, кое е наш духовен и културен темел, но и светоглед и залог за иднината. Св. Кирил и Методиј се и треба да ни останат патоказ за тоа како да истраеме и како индивидуи и како нација.

Почитувани,

И единаесет века по упокојувањето на Св. Кирил и Методиј, поборниците за вистината и неуморните заштитници на послабите и на обесправените, сѐ уште се живи нивните дела и нивните мисли, но, за жал, живи се и догмите против коишто се бореа. Сѐ уште има такви коишто си земаат за право да имаат ексклузивитет врз општите и заеднички добра и се обидуваат да ги потчинуваат и условуваат останатите. Напредокот и добросостојбата се можни само со споделување на заеднички вредности, со давање и со помагање, а не со алчност, себичност и со доминација. Токму тоа најдобро го покажа делото на Св. Кирил и Методиј.

Нека ни е честит 24 Мај, Денот на Св. Кирил и Методиј“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот