Пендаровски ги прими акредитивните писма од новите амбасадори на БиХ и Малезија во Македонија

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Босна и Херцеговина и на Малезија во Македонија.

Истакнувајќи дека Босна и Херцеговина и Македонија се две пријателски земји кои ги поврзува заедничка визија за мир, стабилност, благосостојба и економски просперитет, претседателот Пендаровски на церемонијата на предавање на акредитивните писма од страна на новоименуваниот амбасадор на Босна и Херцеговина во Република Македонија, Драган Јаќимовиќ, нагласи дека евроатлантските перспективи на двете земји се во насока на градење на силен и стабилен регион.

Амбасадорот Јаќимовиќ изрази задоволство од досегашните одлични билатерални односи меѓу двете земји кои се карактеризираат без отворени прашања што претставува основа за натамошно зацврстување на соработката во многу области од заеднички интерес, меѓу кои, се издвојуваат економската соработка, проширувањето на правната рамка преку потпишување на нови билатерални договори, како и унапредувањето на досегашната солидна меѓусебна поддршка.

На церемонијата на предавање на акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Малезија во Република Македонија, Чеонг Лун Лаи, претседателот Пендаровски ги истакна заедничките заложби на двете земји за негување на успешни и пријателски односи, како и за интензивирање на билатералната соработка во повеќе области од взаемен интерес. Во таа насока, претседателот Пендаровски го изрази интересот за унапредување и фокусирање на развојот на соработката во областа на економијата, јакнење на трговската размена и зголемување на интересот кај малезиските компании и инвеститори за поголемо и директно присуство во нашата држава.

Амбасадорот Лаи нагласи дека Малезија Македонија се пријателски земји со позитивен и постојан напредок на економските сектори придавајќи големо значење за понатамошно збогатување на севкупните билатерални односи oсобено во областа на прехранбената индустрија, туризмот и културната размена со цел поголем економски просперитет за народите на двете земји.

Претседателот Пендаровски на новоименуваните амбасадори им посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот