Пелистер се раздели со големиот босански талент Алем Хаџиќ
Ракометниот клуб Пелистер соопшти дека спогодбено ја завршил соработката со младиот босански ракометар Алем Хаџиќ, кој по три години поминати во Битола ќе ја продолжи кариерата во нова средина.
Препорачано
Хаџиќ пристигна во редовите на македонскиот шампион во 2023 година, кога имаше само 16 години и важеше за еден од најперспективните таленти од Босна и Херцеговина. Во клубот се очекуваше постепено да израсне во важен член на сениорскиот тим, но двете страни одлучија предвреме да ја прекинат соработката.
Од Пелистер потсетија дека младиот централен бек остави силен впечаток во младинските категории. Како лидер на младинскиот состав придонесе за историскиот пласман на клубот на завршниот турнир во младинската Лига на шампиони, каде што беше и најдобар стрелец на натпреварувањето.
Хаџиќ доби шанса и во првиот тим, а веќе на 17-годишна возраст дебитираше во сениорската Лига на шампиони и успеа да се запише меѓу стрелците. Во периодот поминат во Битола беше дел од генерацијата која ги освои трите последователни шампионски титули во Македонија, од 2023 до 2025 година.
Од клубот му се заблагодарија за придонесот и му посакаа многу успех во понатамошната кариера.


