Пецаков: Се тестирав заради патување во Банско, сега имам негативен тест и немам никакви симптоми

Фото: Кирил Пецаков/Фејсбук

Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, за кого беше објавено дека позитивен на ковид-19 учествувал во прославата на Водици на која имаше илјадници луѓе, за А1он вели дека не се изолирал по тестирањето за Ковид-19 и се појавил на манифестацијата бидејќи немал никакви симптоми, а тестот го направил заради патување. Следниот ден направил уште еден тест, кој бил негативен, вели тој.

„Немав и сѐ уште немам никаков симптом на коронавирус. Ме прашувате зошто не сум се изолирал по тестирањето – тоа е едноставно, јас отидов да се тестирам оти имавме уплатено зимување во Банско од 20 до 23 јануари. Бугарија ги смени правилата за влез и покрај вакцините бараа и ПЦР тест, па затоа го направив тестот. Излезе позитивен и многу ме зачуди, не очекував затоа што немам симптоми, никој дома не е позитивен, па затоа следниот ден направив уште еден тест. Вториот тест излезе негативен, но без разлика на тоа, откако го добив решението останав дома, не заминав во Банско“, објасни градоначалникот Пецаков, кој го приложува и негативниот тест.

Идентични исходи од тестовите добил и општинскиот секретар, Александар Китески, кој вели дека и тој добил позитивен резултат, а денес повторно се тестирал и резултатот бил негативен.

„И мене ме исплаши позитивниот резултат, не го очекував оти се тестирав заради патување. Појдов на матичен, направив крвна слика, сѐ е во ред, немам никаков проблем. И јас направив уште еден тест и еве денес, исто како градоначалникот добив негативен резултат, што ме наведува да мислам дека позитивниот резултат бил грешен. Двајцата сме вакцинирани, прележани коронавирус пред вакцинирањето и што е најважно, немаме никакви симптоми“, вели Китески за „А1он“.

Китески вели дека оваа ситуација го тера да се посомнева дека позитивните тестови му биле подметнати нему и на градоначалникот.

„Направени се во иста институција и исти се и кај мене и кај градоначалникот. Еднаш позитивни, еднаш негативни. Сега и со ова што објавувате ме наведувате да се посомневам дека се подметнати“ вели секретарот Китески во изјавата за порталот.

Тој тврди дека никој не ги предупредил дека, без оглед на причината поради која се тестираат, резултатот треба да го чекаат во изолација.

„Ако некој не предупредеше, нема зошто да не го почитуваме тоа. Ние не се криевме, се движевме на јавни места“, објаснува Китески.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот