Патници поминале пола ден во авион за Лондон со почината патничка – екипажот го преместил телото во кујната, почнало да смрди
Се разгледувале различни начини како да се постапи со телото, но предлогот да биде сместено во тоалет бил одбиен од екипажот. Наместо тоа, телото било завиткано, изолирано и префрлено во задниот дел на авионот, кај кујната. Во тој дел подот бил загреан, нешто што некои членови на екипажот го превиделе.
Патници минале повеќе од 13 часа во авион на „Бритиш ервејс“ за Лондон со тело на почината патничка, објави „Пипл“.
Препорачано
Околу еден час откако авионот полетал од Хонг Конг во неделата, на 15 март, жена во шеесеттите години починала во авионот.
„Една патничка, за жал, почина за време на летот и нашите мисли се со нејзиното семејство и пријатели во овој тежок момент. Им даваме поддршка на членовите на екипажот и сите процедури беа правилно испочитувани“, изјави портпарол на „Бритиш ервејс“.
По смртта на жената, извор изјавил дека и семејството и екипажот биле скршени. Сепак, ситуацијата не била „сфатена како итен случај“ бидејќи патничката веќе починала.
„Се разговарало што да се прави со телото, при што барањето од пилотската кабина да се заклучи во тоалет било одбиено од екипажот. Затоа морале да го изолираат телото, да го завиткаат во материјали и да го преместат во делот кај кујната на задниот дел од авионот. Во тој дел имало загреан под, што некои членови на екипажот го превиделе, па кон крајот на летот имало тврдења дека во тој дел се чувствувала непријатна миризба“, тврди изворот.
Кога авионот конечно слетал на „Хитроу“ во Лондон, изворот рекол дека полицијата се качила во авионот за да спроведе истрага, додека патниците биле задржани на своите седишта 45 минути.
Сериозен инцидент: Патници се тепале во авион над Скопје, полицајци ги чекале на аеродромот
Бен Вос, координатор во специјализирана служба на аеродромот Шипхол во Амстердам која се грижи за постхумните процедури за починати патници, претходно објаснил како изгледа постапувањето во ретки случаи кога патник умира во авион.
„Има специјално возило што доаѓа директно до авионот. Можеме директно од авионот да влеземе во возилото, така што многу луѓе и не гледаат што правиме на аеродромот“, изјавил тој во декември 2025 година.
Потоа, мал тим следи строга процедура за подготовка на починатите за транспорт до погребални служби, вклучително и координација со тимови за балсамирање, со медицински установи ако треба да се донираат органи, како и со компании што нудат кремација.
Според истражување од 2013 година, смртните случаи за време на лет се ретки, при што само 0,3 отсто од медицинските итни случаи во воздух завршуваат со смрт.


