Ова е најчестата причина за авионски несреќи: Иако во 2025 година имало помалку, бројот на жртви бил поголем
Глобалниот број на авионски несреќи во 2025 година е намален во однос на 2024 година, но бројот на загинати пораснал, соопшти Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА).
Препорачано
Според годишниот извештај на ИАТА за 2025 година, вкупниот број на авионски несреќи паднал на 51, со 38,7 милиони комерцијални летови низ целиот свет, во споредба со 54 несреќи во текот на 37,9 милиони летови во 2024 година.
Ова значи стапка од 1,32 несреќи на милион летови, што е подобар резултат од минатата година.
Меѓутоа, бројот на смртни случаи во тие инциденти значително се зголемил – во 2025 година имало осум фатални несреќи, во споредба со седум во 2024 година, а бројот на загинати патници и членови на екипажот се зголемил од 244 на 394, што е повисоко од петгодишниот просек.
Бројот на смртни случаи во воздушниот сообраќај се зголемил генерално поради две големи несреќи во Индија и САД.
Во падот на „Боинг 787 Дримлајнер“ на компанијата „Ер Индија“ во Ахмедабад во јуни, загинало 241 лице, додека во судирот помеѓу „Бомбардиер ЦРЈ700“ на компанијата ПСА, подружница на „Американ ерлајнс“, и воениот хеликоптер во Вашингтон на 29 јануари, страдале 64 лица.
ИАТА нагласила дека долгорочниот тренд на безбедност е сè уште позитивен и дека воздушниот сообраќај останува една од најбезбедните видови на патување на долги релации, иако поедини несреќи можат значително да влијаат на статистиката во текот на една година.
Организацијата истакнала дека најчестите несреќи се „удари од опашката“ – кога опашката на авионот ќе удри во пистата, проблеми со опремата за слетување или излетување од пистата.
Генералниот директор на ИАТА, Вили Волш, нагласил дека целта на индустријата е „нула несреќи и нула жртви“ и дека секоја несреќа е потсетник за потребата од подобри безбедносни стандарди и глобална соработка.


