Партиите ги открија адутите за изборна победа

Партиите полека почнаа да ги откриваат своите адути за освојување на изборната победа на евентуалните предвремени парламентанрни избори на 12 април. СДСМ ќе „напаѓа“ со изборни листи на кои половината од кандидатите ќе бидат жени. ВМРО-ДПМНЕ, пак, најави нови лица на изборните листи. Меѓу нив и оние кои никогаш не биле во политиката.

СДСМ порача дека е првата партија која ќе обезбеди целосна еднаквост на листите на кои ќе има 50 проценти мажи и 50 проценти жени. Да не дозволиме враќање назад туку да одиме напред на „прав пат“ бидејќи заедно полесно се стига на нашата заедничка цел, рече претседелот на СДСМ Зоран Заев на 20 годишнината на прославата на Форумот на жени. Само така, рече Заев, ќе се инвестира во хумано, фер и праведно општество во кое жените нема да бидат дискриминирани.

– Потребни се повеќе жени во политиката. Во Извршниот одбор на СДСМ повеќе од половината се жени. Ние сме предводници и на концептот за 50:50 застапеност на жени во политиката. Кога, ако не денес.  На следните изборни листи СДСМ ќе има целосна еднаквост 50:50 – рече Заев.

Неодамна партискиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски откри дека адут плус за победа на изборите  ќе му бидат нови лица на изборните листи за предвремените парламентарни избори. Верува дека со ваква одлука ќе бидат искористени досега неискористените капацитетти.

– Во изборните единици, најголемиот дел, можеби и комплетно, целосно ќе бидат луѓе кои до сега не биле носители на пратеничките листи. Истото ќе биде и со составот на пратеничките листи. Најголемиот дел би биле луѓе кои до сега не биле пратеници – рече Мицкоски.

Засега  и во двете партии потврдуваат дека партиските тимови работат на изборните програми. Поконкретни детали не откриваат. Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев неодамна посочи дека како партија имаат континуитет во ставовите и дека ќе излезеат со програма која ќе означува многу работа за Македонија.

– Партиската програма ќе се базира на работа, работа и само работа на сите полиња исто како да го имаме добиено датумот, исто како да бркаме исполнување на сите услови и сите поглавја – рече Јанушев.

И од СДСМ не откриваат многу детали за партиската програма. Кратко велат дека и во новата програма ќе продолжат со заложбите – што повеќе пари да се враќаат кај граѓаните за да го подобрат животниот стандард.

Во меѓувреме, партиските лидери неуморно ги продолжуваат изборните активности. Лидерот на СДСМ Заев на Фејсбук напиша дека и животната средина е во работниот фокус.

– 29 милиони евра се издвоедни за гасификацијата на северозападниот дел од државата. Училиштата ги менуваат нееколошките системи за греење, ги правиме енергетски ефикасни. Апелираме и граѓаните да се приклучат во оваа борба. Сите заедно против аерозагадувањето – напиша Заев.

Мицкоски деновиве пак пред Унијта на млади сили говореше дека ќе биде најголем поддржувач на нивните идеи, а со низа мерки ќе го спречи и иселувањето.

– Иселувањето не е како калемење на растение, туку тоа е како да го откорнете од родната грутка и го пресадите таму некаде далеку, на друга почва и во други услови. Колку и да боли, колку и да пече, ова е реалноста во Македонија – рече Мицкоски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот