Папата Франциск со порака до Перу: Да му кажеме не на насилството, да им кажеме не на новите жртви
Папата Франциск на своето традиционално неделно обраќање до верниците на плоштадот Свети Петар во Рим повика на прекин на насилството во Перу, во кое досега официјално загинаа 50 лица, пренесува Ројтерс.
Препорачано
„Да му кажеме не на насилството, без разлика од кого доаѓа. Да им кажеме не на новите жртви“, рече папата на својот мајчин шпански јазик, а подоцна премина на италијански.
Папата Франциск денеска ги повика конфликтните страни да се вратат на патот на дијалогот „меѓу браќата на истиот народ, со почитување на човековите права и законот“.
Тој реагираше на вчерашното разгорување на судирите меѓу демонстрантите и полицијата во Перу, откако една од најстарите згради во главниот град изгоре до темел, а претседателот Дина Болуарте вети дека ќе биде поостра со „вандалите“.
Политичката криза во Перу започна со соборувањето и апсењето на поранешниот левичарски претседател на Перу, Педро Кастиљо, минатиот декември поради обидот да го распушти Конгресот.
Педро Кастиљо од затвор изјави дека се уште се смета себеси за легитимен претседател на Перу и ги повика своите приврзаници да протестираат против новата претседателка Дина Болуарте.


