Фото: Хера

Панел-дискусија: Рана едукација и соодветна поддршка за жртвите на родово насилство

Многу од жените кои иако собрале храброст да одат во советувалиште, никогаш не успеале да го пријават сторителот на насилството поради најразлични околности и причини. Без ресурси и систем на поддршка жртвите немаат доволно капацитети да го пријават стореното дело.

Долго време трае борбата да се објасни дека родово базираното насилство не е семеен проблем и дека треба да се решава надвор од домот. Одредени начини на постапување и одредени дела на родово базирано насилство мора да се сметаат како дискриминација и кривични дела, беше кажано на панел-дискусијата „Глас против родово базирано насилство“, која се одржа вчера на Правниот факултет во Скопје, како дел од проектот „16 дена активизам против родово базираното насилство“.

Целта на панел-дискусијата, на која гостуваа претставници од различни непрофитни организации, беше како да се препознае и да се застане против родовото насилство. Со прашања и одговори учествуваа и студентите, кои ја оценија дискусијата како многу корисна за подобро разбирање на родовото насилство.

Фото: Хера

И покрај сите донесени закони и напори да се обезбеди адекватна заштита на жените, сепак тие остануваат ограничени и повредени поради постоење на одредени норми.

„Вообичаено кога зборуваме за овие теми, тие се сметаат за „женски теми“ затоа што кога насилството најмногу се случува на жени тоа се смета за „женски проблем“, рече Маја Атанасова, дел од правниот тим на Македонското здружение на млади правници.

Жртвите, покрај помош и поддршка од страна на социјален работник, добиваат и психолошка помош во центрите за помош, која што е клучна во процесот на напуштање на насилната средина. Преку градење на капацитетите и јакнење на секоја жена се стреми кон тоа таа да не се врати повторно во насилната средина или да не навлезе во друг насилен круг. Пред се, треба да се дадат реални можности за напуштање на средината, како што е вработувањето. Многу од жените, кои иако собрале храброст да одат во советувалиште, никогаш не успеале да го пријават сторителот на насилството поради најразлични околности и причини. Без ресурси и систем на поддршка жртвите немаат доволно капацитети да го пријават стореното дело.

Меѓудругото беше ставен акцент и на Законот за спречување и заштита од насилство на жените и семејно насилство, кој, како што беше кажано, не значи само начин на спасување на жртвата, туку бара и транспарентни програми уште од најмала возраст за учење на поимите и начините на заштита. Клучна е и потребата од вклучување на наставниците во образовниот систем за да се почне учењето уште од детството.

Од друга страна, во Центарот за машко здравје се работи со момчиња и мажи од 18 до 35 години за индиректно спречување на родовото насилство, како и рушење на стереотипите поставени од постарите генерации.

„Сите оние идентитети кои се канцерогени за машката популација треба да се скршат и да се воспостават нови индентитети со кои ќе располагаат тие млади момчиња и кои што индиректно ќе придонесат во ова општество да се намали насилството“, рече Димо Попчев, терапевт во Центарот за машко ментално здравје.

Инаку, услугите на организациите и центрите се бесплатни и достапни за сите, а информациите споделени во нив остануваат тајни. Главната цел на професионалните работници е нормализирање на чувствата на жртвите и обезбедување на нивна соодветна заштита.

Настанот беше организиран од ХЕРА и Факултетското студентско собрание на Правниот факултет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот