Николас Мадуро и Владимир Путин во Москва/ Фото: EPA/YURI KOCHETKOV

Падот на Мадуро: Путин остана само нем набљудувач

Не толку одамна Русија испрати бомбардери во Венецуела за да го поддржи Мадуро. Сега Москва само набљудуваше како САД го соборија. Што значи тоа, особено за војната против Украина?

Николас Мадуро го засипуваше Владимир Путин со пофалби за време на неговата посета на Москва по повод Денот на победата во мај 2025 година. Венецуелскиот претседател ја нарече Русија „клучна сила на човештвото“. Двајцата шефови на држава тогаш потпишаа договор за „стратегиско партнерство и соработка“. Но, на 3 јануари Русија беше само набљудувач, додека САД со сила го однесоа Мадуро и неговата сопруга во Њујорк, каде им се суди за трговија со дрога.

Руската противвоздушна одбрана не можеше да го заштити Мадуро

Пет дена по соборувањето на венецуелскиот претседател, Путин и натаму молчи. Претходно, руското Министерство за надворешни работи изрази загриженост и побара ослободување на Мадуро, како и преговори меѓу САД и Венецуела. По телефонски разговор на почетокот од декември, според официјални извештаи, Мадуро како последна порака од рускиот претседател добил новогодишна честитка.

Мадуро беше еден од ретките шефови на држава кои ја поддржаа Русија во февруари 2022 година, кога Москва ги призна сепаратистичките псевдо-републики Донецк и Луганск пред големиот напад врз Украина. Во декември 2018 година Русија испрати два стратешки бомбардери од типот Ту-160 на вежби во Венецуела, што експертите го протолкуваа како знак на поддршка за Мадуро. Тие слетаа на аеродромот во Каракас — истиот од кој САД го изведоа венецуелскиот владетел. Руската противвоздушна одбрана не можеше да го заштити, како што сега се потсмева американскиот министер за одбрана Пит Хегсет. Како можеше да се случи тоа?

Зошто Путин не го критикува Трамп?

„Руската поддршка за Венецуела беше повеќе симболична отколку практична“, вели Нил Мелвин, експерт во Royal United Services Institute (RUSI), за ДВ.

Според него, Русија не е во позиција да го доведе во прашање ангажманот на американските вооружени сили во соседниот регион. Германскиот политолог и автор на книга за руската надворешна политика, Феликс Рифер, не е изненаден. Откако враќањето на Трамп во Белата куќа доведе до приближување меѓу Москва и Вашингтон, Русија реагираше на „американските навестувања кон Венецуела со релативна воздржаност“, вели Рифер. „Русија всушност го напушти Мадуро уште претходно.“

Една од причините, според двајцата експерти, е војната на Русија против Украина и трансформацијата на САД — од западен партнер на Киев до посредник. Русија избегнува остра критика кон Вашингтон затоа што „не сака да го одврати“, вели Мелвин. По негово мислење, реториката на Москва за случувањата во Венецуела без војната против Украина би била „значително поостра“, но ништо повеќе од тоа. Британскиот експерт не гледа непосредни последици врз војната во Украина. Тоа би можело да се промени доколку Трамп не застане на Венецуела, туку продолжи понатаму и, на пример, се обиде да го „инкорпорира“ Гренланд, кој и припаѓа на Данска — нешто што американскиот претседател неодамна повторно го навести.

НАТО веројатно не би ја преживеал таквата разврска, смета Мелвин. Слично се изјасни и данската премиерка Мете Фредриксен. Што мислат во Украина?

Внимателен оптимизам во Украина

Официјалните претставници во Киев воздржано ги коментираат случувањата во Венецуела. Претседателот Володимир Зеленски рече: „Ако диктаторите може да се третираат така, тогаш Соединетите Држави знаат што треба да направат следно.“ Украинското министерство за надворешни работи потсети дека не го признава Мадуро како претседател.
Киевските експерти се внимателно оптимистични. Пазарите очекуваат дека во догледно време ќе дојде до нормализација на односите меѓу САД и Венецуела, што ќе ја отвори Венецуела за производство на нафта и ќе има значителни последици врз светската економија и цените на нафтата, вели политологот Петро Олешчук од Националниот универзитет во Киев.

„Сѐ што ги намалува цените на нафтата е од корист за Украина и може позитивно да влијае на преговорите. Зашто, колку поевтина е нафтата, толку помалку средства има на располагање Русија, поради што претставата дека Русија е подготвена за бескрајна војна станува сѐ помалку уверлива“, вели Олешчук.

Уште една точка, за која медиумите повлекоа паралели со Украина, е тезата дека САД, со апсењето на Мадуро, би можеле да ја „ослабат“ својата улога како демократски преговарач. Експертите со кои разговараше ДВ, сепак, се скептични. Овие дејства се вклопуваат во американската доктрина за западната хемисфера како сфера на интерес, вели Олешчук. Експертот забележува дека е невозможно да се повлечат паралели меѓу апсењето на Мадуро и руската агресија против Украина. „Во случајот со Венецуела, САД не анектираат територија и не тврдат дека Венецуела е фиктивна држава.“

Експерт: Позицијата на Русија е ослабена

Германскиот политолог Феликс Рифер дава слична аргументација. Русија би можела да се обиде да го искористи случајот Венецуела за повторно да ја оправда својата агресија против Украина. Тоа е возможно, но „директната споредба не држи“. Рифер е убеден дека угледот на Москва во светот е ослабен: „Кој се потпира на Русија, не смее да се надева дека ќе биде заштитен.“ Нил Мелвин истакнува дека тоа е далеку од првпат. „Русија ги загуби Ерменија, Сирија, а сега и Венецуела“, вели експертот за безбедност.

„Меѓународната позиција на Русија видливо слабее, бидејќи ја ескалира својата војна против Украина и веќе нема ресурси за одржување на вакви односи.“

Дури и во случајот со Куба, најважниот партнер на Русија во Латинска Америка и еден од најблиските сојузници на Венецуела, можеби протестите на Москва се погласни, но опциите на Русија се „многу ограничени“, оценува Мелвин. Куба припаѓа на земјите врз кои претседателот Трамп неодамна го засили вербалниот притисок.

Извор: DW/ Автор: Роман Гончаренко

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот