Ова е најопасната храна што можете да ја купите во супермаркетите: Уште полошо е што мислите дека е здрава
Замислете ја следнава ситуација: застанувате во супермаркет на пат кон дома за да купите неколку намирници за вечера – пилешко месо, тегла дресинг и кеса сечкана римска салата. По некое време, вие и вашето семејство неочекувано се разболувате и сте убедени дека причината е пилешкото. Но, изненадувачки, виновникот е „здравата“ кеса со свежа салата, пишува „Ол ресепис“.
Препорачано
Во последните години, големи епидемии поврзани со контаминиран лиснат зеленчук, како спанаќ и зелена салата, често се појавуваат во медиумите. Според податоци, лиснатиот зеленчук е поврзан со дури 22 отсто од сите регистрирани труења со храна во последната деценија. Поради тоа, многу експерти за безбедност на храната сметаат дека сечканата салата во кеса, означена како „измиена и подготвена за употреба“, е една од најризичните намирници што можете да ги купите во супермаркет.
Иако овие кеси често содржат мешавина од различни видови салата, понекогаш и со додаток на билки, и изгледаат како совршен здрав оброк – реалноста е поинаква. И тоа од повеќе причини.
Зеленчук од повеќе извори
„Консумирањето зеленчук, вклучително и лиснат зеленчук, е важен дел од здрава и балансирана исхрана, но експертите за безбедност на храната често ги избегнуваат претходно пакуваните салати, бидејќи тие можат да бидат поризични од цела главица салата“, објаснува д-р Ванеса Кофман, директорка на Алијансата за спречување болести што се пренесуваат преку храна.
Таа посочува дека пакуваното зеленило најчесто потекнува од повеќе различни фарми и се обработува заедно, што значи дека евентуална контаминација од една серија лесно може да се прошири на голем број кеси. Дополнително, самиот процес на сечење може да ги „зароби“ и прошири штетните бактерии.
Самото пакување носи ризик
Освен обработката, и самото пакување претставува проблем, додава д-р Дарин Детвајлер, вонреден професор на Универзитетот Нортистерн и автор на книгата „Безбедност на храната: минато, сегашност и предвидувања“.
Влагата што се задржува во кесите создава идеални услови за развој на бактерии како Е.коли (E. coli), листерија и салмонела. Промените на температурата за време на транспортот и складирањето дополнително го зголемуваат ризикот.
Британски истражувачи утврдиле дека салатата во кеса е особено погодна за развој на бактерии бидејќи при сечењето листовите ослободуваат течност. Таа влага останува во кесата и со текот на времето станува совршена средина за размножување на бактерии. Освен тоа, течноста ги обложува листовите, создавајќи „лепливи“ услови поради кои бактериите потешко се отстрануваат со миење.
Повеќе точки на можна контаминација
Бактериите можат да потекнуваат од почвата, водата за наводнување или да се пренесат при бербата. Салатата може да се контаминира уште на нива – од животни, птици или од самите работници. Кога ќе пристигне во фабриките за обработка и пакување, ризикот уште повеќе се зголемува.
„Пакуваната салата и спанаќот се особено подложни на контаминација поради бројните ризични точки во синџирот на снабдување“, вели Кофман. „Проблемите можат да започнат уште на фармата, особено ако полињата се изложени на бактерии од сточарски фарми, диви животни или загадена вода за наводнување.“
Во една голема епидемија поврзана со римска салата, контаминираната вода за наводнување довела до заболување на околу 200 луѓе, од кои петмина починале. Сепак, лиснатиот зеленчук не е водечки по број на смртни случаи – таа неславна титула ја држи живинското месо.
Бактерии кои најчесто се поврзуваат со сечкана салата
Најчестите бактерии што ја прават оваа намирница ризична се:
– Е.коли (особено O157:H7) – произведува токсини и може да предизвика тешки симптоми и компликации
– Салмонела – брзо се размножува во влажна средина и предизвикува цревни инфекции
– Listeria monocytogenes – може да преживее и да расте дури и во ладни услови; особено опасна за трудници, стари лица и лица со ослабен имунитет
– Campylobacter – поретко, но можна причина за труење
– Aeromonas и Yersinia – присутни, но поретко поврзани со тешки епидемии
„Измиена и подготвена за употреба“ – заблуда
Ознаките како „трипати измиена“ или „подготвена за веднаш“ можат да создадат лажно чувство на сигурност. Иако салатата е измиена пред пакување, влагата што подоцна ја ослободуваат оштетените листови го поттикнува растот на бактерии што можеби останале. Практично е невозможно целосно да се отстранат сите бактерии.
Иако некои советуваат повторно миење дома, американската ФДА не го препорачува тоа, бидејќи миењето во нестерилни услови може дополнително да ја зголеми контаминацијата.
Како да го намалите ризикот?
Кога е можно, изберете свежа, непакувана салата. Купувајте кеси без влага, оштетувања или промена на бојата. Чувајте ја салатата во фрижидер и користете ја пред рокот. Избегнувајте вкрстување на намирници (исти ножеви и даски за месо и салата). Бидете внимателни и со органската салата – таа не е автоматски побезбедна. Трудници, стари лица и имунокомпромитирани лица треба да избегнуваат салата во кеса. Избегнувајте барови и ресторани со сомнителна хигиена. Ако се разболите по консумирање салата, пријавете го случајот кај надлежните здравствени служби.


