Ова е македонскиот тим кој неуморно помагаше за настраданите во Албанија (ВИДЕО)

Вицепремиерите за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и за европски прашања,  Бујар Османи, и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Аднан Џафероски, во присуство на албанскиот амбасадор во држвава Фатос Река, денеска во Владата се заблагодарија на републичките сили за заштита и спасување, кои со владина одлука беа упатени во Албанија по катастрофалниот земјотрес.

Нашите тимови повеќе од 72 часа работеа на комплексни задачи за да им помогнат на локалните власти во спасување на преживеаните од земјотресот и расчистување на теренот, а за тоа добија благодарница од Владата.

-Тажни сме и сочувствуваме со сите погодени во оваа катастрофална трагедија, но и сме горди на нашите тимови кои покажаа врвна стручност и им понудија помош на оние на кои таа им беше најпотребна. Вашиот ангажман никогаш нема да биде заборавен како и фактот дека секогаш остануваме со подадена рака за поддршка за нашите соседи, рече на средбата министерот Спасовски, информира владината прес-служба.

Како што наведе вицепремиерот Османи, сликите од Албанија никого не можат да остават рамнодушен.

-Навистина видов дека вие работевте во исклучителни и животозагрозувачки околности со цел да им помогнете на настраданите. Со тоа го покажавте и вистинскиот имиџ на државата во чија суштина е солидарноста и помагањето, истакна Османи.

Директорот на ДЗС Џафероски, пак,  истакна дека целото општество е гордо на стручноста и пожртвуваноста овие тимови кои во изминатите години се обучуваа да одговорат на предизвиците соодветна реакција на сите природни катастрофи.

Амбасадорот Река, во име на Владата во Тирана, искажа голема благодарност за понудената помош и се што беше сторено во многу тешка ситуација за албанскиот народ.

Според тим лидерот на републичките сили за заштита и спасување, Ивица Наумовски македонскиот тим во Албанија, комбиниран од спасувачи, рудари, пожарникари и други стручни лица, на терен покажа подготвеност да се справи со тешка мисија. Тој во име на сите членови на тимот изрази сочувство до сите кои загинаа во катастрофалниот земјотрес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот