Доналд Трамп, Меланија Трамп, кралот Чарлс Трети и кралицата Камила /Фото: Профимедиа

Откриено е што ќе јадат кралот Чарлс и кралицата Камила кај Трамп во Белата куќа

Кога британскиот крал Чарлс Трети и неговата сопруга Камила ќе му се придружат на американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, се очекува менито за државна вечера, на која влоговите се високи, да остави силен впечаток, пишува „Фокс њуз диџитал“. Бакингемската палата на 31 март објави дека кралот и кралицата ќе отпатуваат во САД за да ја одбележат 250-годишнината од американската независност. Трамп соопшти дека кралската двојка ќе престојува од 27 до 30 април, додека државниот банкет треба да се одржи во Белата куќа на 28 април.

Дарен Мекгрејди, кој бил личен готвач на покојната кралица Елизабета Втора, принцезата Дијана и нејзините синови, принцот Вилијам и принцот Хари, а исто така готвел за американските претседатели Форд, Реган, Клинтон и двајцата претседатели Буш, рекол за „Фокс“ дека британското кралско семејство може да очекува дека ќе му биде сервирано најдоброто од Америка.

– Не би очекувал на ова мени за банкет на претседателот Трамп, да се најде „clotted cream“ (изразена густа млечна павлака), бидејќи тоа е британски производ. Америка има неверојатни домашни производи. Но, покрај тоа, палатата сигурно била во контакт и рекла дека кралот не е голем обожавател на чоколадо, но кралицата го обожава. Ако има јадење со сирење, кралот ќе биде воодушевен, бидејќи обожава сирење. Тој исто така сака мед, печен зеленчук, ризото, а особено јагнешко месо. Тука постои неверојатно јагнешко. Би му било чест ако се сервира јагнешко – открил Мекгрејди.

Кога станува збор за храна, продолжил готвачот, импресионирањето на монархот е многу поедноставно отколку што би очекувале.

– За кралот, клучни се локалните производи. Важно му е да ги види намирниците што штотуку доаѓаат во сезоната, како што се аспарагус, артичоки, грашок, спанаќ и брокула. ​​Кралот би бил апсолутно воодушевен ако нешто од ова се најде на менито – истакнал тој.

Кралската коментаторка Аманда Мата се согласила со тоа и додала дека Белата куќа апсолутно ќе се консултира за ограничувањата во исхраната и познатите преференции за да го импресионира кралското семејство, но исто така се очекува менито да биде американско во својата суштина.

– Кралот Чарлс не јаде паштета од гуска (foie gras), а познато е и дека членовите на кралското семејство од практични причини избегнуваат работи како црвени сосови, лук или кари. Оброкот мора да биде елегантен, но не премногу комплициран, и лесен за консумирање во текот на разговорот. Тоа значи дека нема храна што се јаде со раце, нема неуредни јадења, без премногу експериментирање и без нешто што би можело да предизвика непријатност кај гостите. Но, менито на крајот е одлука на домаќинот, што го прави изборот на храна многу дипломатски потег – рекла таа.

Аманда нагласила дека тоа е момент на земјата домаќин да ја претстави својата кујна, домашното производство, земјоделството и идентитетот, како и дека секое јадење, секое спарување вино и секоја состојка ќе бидат избрани за да се испрати порака за американска извонредност. Сепак, не е невообичаено во менито да бидат вклучени суптилни референци на гостите.

Хелена Чард, британска телевизиска коментаторка и фотографка, за „Фокс њуз диџитал“ изјавила дека не би ја изненадило ако едно од омилените јадења на Чарлс Трети се послужи за да се освои кралот.

– Би очекувала органско јагнешко од Вирџинија со кора од билки и многу зеленчук. Ментолираниот органски грашок се наоѓа на самиот врв на таа хиерархија. Кралот е опседнат со грашокот. И Чарлс и Камила обожаваат рачно правени сирења и сакаат парче органска пита од јаболка – рекла Чард.

Таа, исто така, предупредила дека постојат одредени состојки кои се строго забранети.

– Кралскиот протокол наложува дека лукот и школките се строго забранети. Менијата се планираат со недели однапред. За секое јадење се размислува многу, особено додека кралот го продолжува лекувањето на ракот. Се составуваат три пробни менија, а избраната опција се објавува 24 часа пред банкетот – рекла таа.

Американската државна вечера следи мошне предвидлив ритам: церемонија на пристигнување, ред за поздравување, коктели, формален оброк, здравици или говори, а потоа забавна програма. Може да има дури и музичка изведба кога, по вечерата, гостите се дружат послободно. Токму овие поопуштени дружења по вечерата донеле легендарни моменти низ годините, како што е танцот на принцезата Дијана со актерот Џон Траволта во 1985 година. Тоа не било дел од официјалната програма на администрацијата на Реган, но стана најпрепознатливата слика на таа вечер.

– Можеби ќе ја видиме кралицата Камила како танцува со претседателот Трамп, или Меланија во прегратката на кралот Чарлс. Не би исклучила ништо! – заклучила Мата.

И додека американските медиуми наведуваат дека британскиот крал, всушност, воопшто не е комплициран ниту пребирлив кога е во прашање храната, треба да се спомене дека американскиот претседател е вистински лидер во областа на едноставноста на исхраната. Всушност, навиките за јадење на Трамп се толку едноставни што се сведуваат на само неколку јадења и најчесто на неговото мени се американската брза храна и газираните пијалаци.

Кралот Чарлс сепак не го откажува своето патување во САД поради пукањето

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот