Откако ги прогласија хотелите за „градби од државно значење“, сега на ред се супермаркетите, реагира „О2 Иницијатива“
Се спрема нова измена на Правилникот за урбанистичко планирање, каде се додава уште една категорија на „објекти од државно значење“. Минатиот месец беа хотели, сега се супермаркети, реагираат од организацијата „О2 Иницијатива“.
Препорачано
„Најдобро нека го укинат Правилникот за урбанистичко планирање и нека си гради кој што сака каде сака“, иронично коментираат од „О2 Иницијатива“, повикувајќи утре на стручна расправа која ќе се одржи во Министерството за транспорт од 10 часот.
Ресорното министерство изминатиов февруари во Правилникот внесе изградба на хотели и хотелски комплекси со површина над 1.000 метри квадратни како „градби од државно значење“, а активисти и стручни луѓе реагираа дека ова отвора простор да се подигнуваат хотели без носење на Детален урбанистички план (ДУП).
На Николоски му фалеле „добри хотели“, ќе ја олеснува процедурата за градење
„Ако велите дека ова ќе важи само за подрачја надвор од градски средини, тогаш зошто тоа не е наведено во измените? […] Какви се тие градски хотели, таква категоризација нигде нема. Исто така, сега ќе може да се градат хотели без јавна анкета, граѓаните не ќе можат да ги кажат своите забелешки“, рече Татјана Чакулев, советничка од „Независни за Карпош“ во Советот на Општина Карпош.
Од Комората за областени архитекти и инженери кажаа дека решението не е добро и остава простор за сомнежи.
„Оваа измена е уназадување на правилникот за урбанизам. Па 1.000 квадрати може да биде и една куќа за индивидуално домување. Хотел со 20 соби не е објект од државен интерес. Да беше над 10.000 кавдратни метри ќе имаше некаква логика, иако и таа површина е мала за вистински хотелски комплекс кој ќе придонесе за развој на туризмот, како што велите. Кој ќе ги издава дозволите?“, прашаа од Комората.


